Ова е лелекот на 83-годишната Солунка Алексовска од село Текија, скопско, кој не го слушаат надлежните социјални служби. Врзана за кревет повеќе од една година откако ги скршила двата колка, во медицинското досие и се запишани и изразена остеопороза и артритични деформитети, изразена сколиоза на р’бетот, ротација на пршлените и други деформитети. Но се ова никако да ја увери Стручната лекарска комисија дека Солунка не може сама да се грижи за себе и оти и е потребна нега од друго лице.
На повикот на нејзиниот внук Бојан: „Ајде Солунке станувај!“, таа кратко одговара: „Сакам да станам, но не можам“.
Дека е тоа така потврдуваат три судски пресуди од Управниот суд, во 2015, 2018 и во 2020 година, во полза на Солунка против Министерството за труд и социјална политика. Борбата за правото на Солунка за надомест за нега од друго лице ја почнал нејзиниот син Љубе во 2014 година, кога таа седум години помлада од денес, веќе се движела со штаки, а потоа и со инвалидска количка, а кога по една година примање додаток за нега од друго лице, Центарот за социјални работи Гази Баба, и го укинало тоа право. По смртта на Љубе битките со системот за социјални грижи ги продолжил внукот Бојан, кој живее сам со неа, а на помош во грижата за Солунка му доаѓа неговата сестра Елена. Но додека се тие на работа Солунка останува сама во малата полуподрумска соба.
„Ме гледаат, но што ќе гледаат. Одат на работа, доаѓаат. Едвај ги дочекувам да ем видат“, вели таа.
Од Министерството за труд и социјална политика за случајот на Алексовска не даваат објаснување за трите нивни поништени одлуки, наведувајќи дека во 2019 година постапиле по судската одлука и предметот го вратиле на повторно одлучување.
„Стручната комисија повторно носи наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице, а со кој наод, во случајот на г-ѓа Алексовска, оценува дека именуваната нема потреба од помош и нега од друго лице, велат од МТСП.“
По жалба од Солунка и второстепената лекарска комисија, како што наведуваат од Министерството, оценила дека таа нема потреба од помош и нега од друго лице. Но нејзината жалба ја прифатил Управниот суд и во април 2020 донел пресуда во нејзина полза. Процесот почнало од почеток, но со речиси извесен исход дека повторно ќе заврши на суд.
„Секако дека ќе ги тужам. Значи ќе ги тужам и докторите кои целеа по стар извештај, за небрежност“, вели Бојан.
Најавата за четврта тужба доаѓа откако на 23 март годинава стручната комисија која од декември е под надлежност на Министерството за здравство повторно решавала за Алексовска и, како што вели Бојан, повторно негативно одлучила.
„Сега лекарите гледајќи по извештај за редовна терапија, за тоа да добие туѓа нега, меѓутоа пишаа дека нема потреба. Не ги гледаат постарите извештаи, со оглед на пандемијата јас не можам, жената е тешко подвижна, не можам да ја ставам во кола. Звонев во Брза помош, во Брза помош ме одбија како не итен случај, не можеше да се носи на повторно снимање, што јас сакав“, раскажува Бојан.
И додека трае нејзината голгота за правото за помош за нега од друго лице Солунка Алексовска останува во креветот, со надеж, не дека ќе стане, туку дека барем малку ќе и биде полесно.
Тамара Грнчароска