Бразил останува една од најголемите светски жаришта на Ковид 19 со речиси 350 илјади смртни случаи досега, бројката веднаш зад Соединетите американски држави а сите прогнози навестуваат дека актуелниот бран на нови позитивни и смртни случаи нема да го достигне својот врв уште неколку недели.
Брзото ширење на сојот на коронавирусот кој прв пат беше откриен во Бразил предизвикува сериозна загриженост во целиот свет.
Претседателот на државата, Жаир Болсонаро, заедно со Трамп е еден од светските лидери кој минатата година беше исклучително скептичен кон потребата од преземање некакви посебни мерки за справување со пандемијата, нарекувајќи го Ковид “мало грипче”. Тој упорно ги отфрла и барањата за локдауни и рестриктивни мерки, оценувајќи дека на тој начин народот ќе стане посиромашен.
И покрај високите бројки на заболени и починати, Болсонаро не попушта.
“Нема да има национален карантин. Некои се дрзнуваат да кажат дека армојата треба да им помогне на дел од гувернерите во нивните рестриктивни мерки. Нашата бразилска армија нема да излезе на улиците да ги држи луѓето затворени во домовите” – вели бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро.
Пациентите болни од Ковид -19 користат повеќе од 90% од креветите на интензивната нега во повеќето Бразилски држави.
Вчера починаа и над 4 100 луѓе во Бразил, голем дел од нив затоа што не добиле навреме нега или пак затоа што има недостаток од основните средства за третман на болните од Ковид 19 , како кислородот.
Здравствените работници веќе отворено го критикуваат Болсонаро за проблемите со кои се соочуваат, како и заради фактот дека Бразил заостанува во имунизацијата на своето население.
“Имаше 1300 смртни случаи во државата Сао Пауло, повеќе од 4 000 смртни случаи во Бразил, рекордни бројки. Секој ден достигнуваме повисоки бројки од претходниот ден и без вакцини за сите, ниту пак некој сериозен план за броба против пандемијата” – изјави инфектологот Жулијана Салес.
Најголемите жаришта во Бразил се урбаните средини, како градовите Сао Пауло и Рио де Жанеиро.
Градските власти во Сао Паоло пред два дена започнаа со операцијата да ископаат 600 –тини гробови на општинските гробишта, соочени со страотниот смртоносен биланс од пандемијата.
5-те најголеми гробишта во Сао Паоло , го проширија работното време до доцна во ноќта, до 22 часот, додека во дел од нив , запрени се погребите, заради недостаток од место.
Никола Илиевски