Околу 20 проценти од пријавените за вакцинација не се појавиле на закажаниот термин. Според матичните лекари, стравот е клучниот проблем и е засилен откако се појави случај со тромбоза кај млада девојка по вакцинација.
Од средата, кога почна вакцинирањето на лицата над 77 годишна возраст со вакцината на АстраЗенека, па досега, се пријавиле само околу 17 илјади граѓани. На официјалната веб страница, вкупно за вакцинација се пријавиле 134 501 граѓанин.
Анкетата на МЦМС покажа дека, само 50,4 отсто од граѓаните имаат целосно и донекаде доверба во новите вакцини. 49,1% донекаде и целосно немаат доверба. Албанците имаат поголема доверба во вакцините во однос на Македонците. Повеќе од половината испитаници одговориле дека е многу веројатно дека ќе се вакцинираат.
Ова е зголемување во однос на анкетата спроведена во декември лани, кога тој процент беше 38,7.
Големо мнозинство од испитаниците, (73,5%) сметаат дека владата не реагирала соодветно и навремено при набавката на вакцините. Споредено со земјите во регионот, мнозинство од испитаниците (65%) сметаат дека нивото за вакцинирање во Македонија е под стандардот.
Вкупно 70,7% сметаат дека наставата во образованието треба да се спроведува онлајн. Граѓаните, (82,7%) сметаат дека се потребни ограничувања во угостителските објекти. Висока е и поддршката за забрана за свадби и настани во затворен простор (85,1%), но и забрана за свадби и настани на отворено.
Работата на матичните доктори е оценета позитивно од 81% од граѓаните, работата на болниците и Ковид центрите од 68,5%. Најнизок е процентот на оние кои позитивно ја оцениле работата на Комисијата за заразни болести. Речиси поделена е оценката за работата на министерот Филипче, односно 51,3% сметаат дека добро ја врши својата работа, 47,7% сметаат дека работи лошо. Кај премиерот Зоран Заев, побројни се оние кои рекле дека работи лошо (59,7%), а една третина сметаат дека работи добро (36,7%).
Далиборка Демјанска Цветановска