Македонските граѓани одбиваат да го дочекаат почетокот на масовната имунизација. Решението го гледаат во соседна Србија, каде за викендов по итна постапка им се одобрени барањата за вакцинација. Се бара место повеќе во автомобилите за заеднички да се стигне до Белградскиот саем.
Тука во тек е вакцинација на голем број странски државјани кои се пријавиле преку системот е-Управа од кои најмногу засега се државјани на Босна и Херцеговина и Црна Гора, но викендов се очекува наплив и од македонски државјани. За странските државјани Србија бесплатно ја нуди вакцината Астра Зенека, не и Фајзер, Синофарм или Спутник.
Астра Зенека в недела ќе допатува во Македонија. За првпат најавена е бројка од 24 илјади вакцини. Македонија сериозно доцни со вакцинацијата, но тоа за премиерот Заев, е и предност, затоа што во изминативе месеци можеа да се соберат информациите за тоа кои вакцини се безбедни.
-
Има една предност што сме, еве така да кажам, земја со задоцнување на вакцините. Земјите членки на ЕУ почнаа пред нас и можевме да согледаме предности или слабости и можеме да донесеме една констатација дека вакцините се здрави, треба да ги користиме сите. Час поскоро да се вакцинираме сите, толку поскоро ќе ја победиме оваа грозна пандемија која го смени животот во целиот свет, така и во нашата земја, рече Заев.
Кинеските вакцини во Македонија беа најавувани за крајот на месецов, кој календарски завршува за пет дена. Се очекува идната недела во Скопје пристигнува и кинеска делегација од 19 лица, во придружба на кинескиот министер за одбрана. Но, со него нема да донесе и вакцини. Очекувањата се дека барем ќе донесе надеж и најава кога би можеле да пристигнат и вакцини од Кина, за конечно да почне масовна имунизација на населението.
Во тек е вакцинација на здравствените работници. Досега вакцина примиле 6 940. Следни на список се повозрасните луѓе, хронично болните, попишувачите, полицијата, војската и други граѓани. Вакцината Астра Зенека се прима во две дози, но на период од три месеци.
Најавените 24 илјади шишенца ќе се искористат за исто толку граѓани, во надеж дека за три месеци ќе пристигне и втората нивна доза. Астра Зенека се уште е тема на научни дебати., откако некои земји пријавија несакани ефекти од нејзината апликација, како згрутчување на крвта.
Сепак, се докажа дека нус појавите се незначителни во однос на популацијата која ја примила вакцината. Епидемиолозите укажуваат – или вирус или вакцина, трето нема.
Алиса Шутиноска