Со хеликоптер до Врање, а потоа со возило да граничниот премиен Табановце денеска стигнаа уште 3.510 вакцини на „Фајзер“ од Србија за Македонија. Лично на меѓуграничниот простор од српското во македонското возило ги префрлија министрите за здравство на Македонија и на Србија, Венко Филипче и Златибор Лончар.
Со денешната пратка која стигна од Србија во земјава, Македонија има вкупно 8.190 вакцини на „Фајзер“ со кои се вакцинира медицинскиот перснал од болниците кој работи диретно со ковид-пациенти. Досега, како што информираше министерот Филипче, вакцинирани е 1.300 медицински пероснал. За кинеските вакцини кои се очекуваа да стигнат до крајот на февруари, се уште нема прецизен датум кога ќе слетаат на Скопскиот аеродром.
Филипче информираше дека кинеската компанија барала дополнителни документи за да ја изврши испораката, исто како што компанијата Фајзер бара дополнителни документи за да го достави драфт договорот за директна испорака на 800.000 нејзини вакцини за Македонија. Од КОВАКС механизмот пак последната информација е дека по потпишувањето на анексот со Астра Зенека, на почетокот од март треба бидат испорачани 20 до 30 илјади вакцини. Во меѓувреме се нарачуваат вакцини и од Русија.
„Во делот на руските вакцини, како што најави премиерот Заев ќе набавиме количина од 100.000 вакцини, за што веќе го добивме драфт договорот, за што веќе во текот на денот ќе има затворена седница на која Владата треба да го усвои“, информираше Филипче.
Србија од каде ги добивме вакцините пак до сега набавила два милиони вакцини од четири производители и вакцинирала милион граѓани. Но и од таму не стигаат оптимистички информации за достапноста до вакцини.
„Она што е сигурно е дека вакцините не се воопшто евтини. Мислам дека тоа сите го знаете. Но во овој момент да имате пари колку што сакате и да понудите која цена и да сакате, вакцини нема на пазарот. Повеќе не станува збор за тоа дали имате пари за вакцините или немате, сеработи дека ја нема на пазарот и тоа е најголем проблем“, изјави Лончар.
Инаку и во двете земји во изминатиот педиод почна да се зголемува бројот на новозаболени од коронавирус. Филипче информираше дека во моментов се прави анализа на што се должи тоа, дали на новиот британски сој на вирусот, за кој претходно анализите покажаа дека е причина за 50 проценти од новозаболени или пак се должи на непочитугање на мерките.
„Иницијалниот впечаток е дека е можно да се должи и на британскиот сој, меѓутоа и на генерално непочитување на мерките во делот на собирите. Еве, времето е убаво, сведоци сме дека се повеќе луѓе надвор има коишто не ги почитуваат мерките“, рече Филипче.
Филипче не исклучува можност за некаква форма на дополнителни мерки на локално или на територијата на целата држава, но вели, засега немаат индиции дека такви мерки треба да бидат препорачани.
Тамара Грнчароска