Полицијата го држела на око Мијалков дваесетина часови, но тој успеал да им исчезне и најверојатно е во Македонија, смета Оливер Спасовски кој се обрати на јавноста по новото спекаткуларно бегство на висок државен функционер пред правдата. Час подоцна Мијалков се појави сам во обвинителство тврдејќи дека бил во самоизолација од корона која веќе ја прележа во ноември. Иако полицајци го бараа насекаде, стоеја пред неговата куќа на Водно, превртуваа багажници пред гаражата на Мериот и го бараа 45 часови, не успеаја да го видат ниту денеска, ниту кога по првата информација дека се подготвува бегство, почнало полициско прикриено законско надгледување на Мијалков. Го имале во вид, но го снемало кога му бил определен притвор.
Пред Мијалков да си дојде сам во обвинителството, во истиот двор, одговорноста суптилно ја префрли министерот за внатрешни работи Спасовски. Соопшти дека слушнал информации дека иако двајцата обвинители Ристовска и Пеливанов сакале да бараат притвор на завршните зборови на „Таргет Тврдина“, тоа не им било дозволено.
Денеска Спасовски спомна и нова информација дека обвинител уште во петокот му кажал на некој министер дека постои ризик за бегство на Мијалков.
Надлежните обвинители во предметот „Таргет Тврдина“, Ристовска и Пеливанов не кажале таква информација, ни соопшти еден од нив, а Спасовски не појасни кој министер и кој обвинител уште во петок имале информација за евентуално бегство на Мијалков, кое на крај се оствари иако бегалецот се правда дека не ги слушнал вестите поради висока температура.
Сега останува прашањето за одговорноста. Одговорот на Спасовски е дека прво треба да се утврди и да се расветли бегството, а дури после тоа да се зборува. Своја евентуална оставка како министер ја спореди со победа на криминалот.
Спасовски не одговори директно како обвинителите се поспособни да дознаат информации за свои предмети, а за такви работи постојат скапо платени полициски, разузнавачки и контраразузнавачки служби и агенции.
Миомир Серафиновиќ