Вести Македонија Најважни

Првата вакцина за Ковид резервирана за највозрасната докторка на Инфективна – започна вакцинацијата

Првата вакцина за Ковид резервирана за највозрасната докторка на Инфективна. Одмрзнатата течност од специјалните фрижидери ја растворија и го наполнија шприцот, а потоа безболно ја аплицираа во раката на доктор Добринка Наунова-Јовановска.

Со зборовите „со среќа“ си го честитаа почетокот на имунизацијата што треба да стави и крај на пандемијата.

Доктор Добринка за 21 ден ќе дојде повторно да прими и втора доза, а по две до три недели оттогаш – нејзиниот организам ќе развие антитела на вирусот.

Главната сестра на Инфективна беше втората којашто денес ја прими вакцината на „Фајзер“.

„Ќе се чувствувам посигурна ако случајно дојдам во контакт со некој којшто е инфициран – дека многу полесно ќе се справам со таа инфекција, со тој контакт. За мене ќе донесе голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние што не примиле вакцина. Индивидуално е тоа кај секого – кој колку ќе развие антитела и кој колку ќе одговори, каков имунитет ќе создаде. Воглавно, 95% е заштитната моќ на оваа вакцина и јас се надевам дека ќе бидам во тие 95% заштитени“

Примариус д-р. Добринка Наунова-Јовановска – Инфектолог.

 

„Секако дека се чувствуваме посигурни дека со вакцинацијата ќе се намали и бројот на новозаболени и дека ќе почнеме да се враќаме во нормален живот“ ВЕЛИ Габриела Темелковска – Главна сестра на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Вакцинацијата денес ќе продолжи и првата доза ќе ја примат сите вработени на Инфективна. Потоа следат и другите вработени во Ковид-центрите.

Министерот за здравство најави дека следната недела ќе стигне нова пратка  од „Фајзер“ – вакцините коишто се чуваат на екстремно ниски температури.

„Во вчерашниот разговор со претставниците на „Фајзер“ нѝ беше најавено дека следната количина од близу четири илјади дози ќе пристигне следната недела, а тоа значи дека сите пријавени за првиот бран на вакцинација, а тоа се четири илјади здравствени работници – сите оние коишто во овој момент работат со Ковид пациенти ќе бидат вакцинирани. Овде е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чуваат и во овие фрижидери во модуларната болница. Тие може да седат и до пет дена на температура од 2 до 8 степени после што се раствораат и во рок од пет часа мора да се аплицираат кај тие што ја примаат“ изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Министерот најави дека од овој момент започнува и вакциналната кампања за граѓаните. Сликата на пандемијата може да се смени само со вакцинацијата, а вакцините се сосема безбедни без разлика од кој производител доаѓаат – уверливо кажа Филипче од говорницата поставена пред модуларната болница.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Приведен универзитетскиот професор Александар Нацев во истрагата за пожарот во Кочани- како  реален сопственик на агенцијата Рубикон која го обезбедувала Пулс кога се случи пожарот

Дејан Дејан

Мицкоски го бранеше својот предлог како одличен кадар за министерската позиција во здравство

Дејан Дејан

Земјоделците од Струмичо почнаа да ги санираат штетите од невремето

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе