Вести Ковид19 Македонија Топ вести

ФОТО: Донацијата од 4.680 вакцини наполни една кутија, гранична битка со новинарскиот интерес и за температура од -70. Како се одвиваше примопредавањето на вакцините

Повеќе од 30 камери и над 50 новинари, фоторепортери и известувачи денеска на „брич“ студеното време го покриваа и известуваа од примопредавањето на вакцините на Фајзер, кои државата ги доби како донација од Србија.

Станува збор за прв дел од донацијата која доцнеше неколку дена поради строгите правила на произведувачот на вакцини. Од најавените 8.000 стигна пратка со 4.680 вакцини.  Бидејќи во ампулите, шишенцата на Фајзер се пакуваат по 5 вакцини излегува дека целата пратка е составена од 936 шишенца.

Поради огромниот интерес на медиумите, огромна гужва имаше на преминот Табановце при реализирањето на донацијата.

Од српска страна, дојде државната делегација предводена од српскиот претседател Вучиќ, а со комбе на здравствениот завод Торлак од Белград беше пренесена пратката до границата.

Целата пратка всушност беше спакувана во една кутија на која имаше ознаки за зачувување на содржината на пратката. При транспорт на вакцини за Ковид 19, поради значењето на постојана студена температура, вакцините се префрлаат и транспортираат во специјализирани (Фајзерови) кутии за транспорт во кои со помош на сув мраз температурата се одржува на оптималните -70 степени (дозволено е максимално температурата да падне или да се качи за 10 степени Целзиусови). И овие термални кутии ги произведува Фајзер.

За безбеден транспорт и одржување на процесот познат како ладен синџир во секоја кутија Фајзер става термометар наречен TagAlert Temperature Monitor. Оваа справа ја мери температурата и ја забележува (памети), а по отварањето на кутијата покажува дали некаде е згрешено и темепературата се качила повеќе од дозволеното при превозот. Тоа всушност е првиот чекор кој се прави при распакувањето на вакцините.

Комбето на Торлак се паркираше на преминот, а спроти него на десетина чекори застана комбе на заводот за трансфузиологија. Од двете страни имаше многу сниматели и репортери, па полицајците едвај успеаја да направат доволно широк коридор меѓу двете возила за да помине кутијата со вакцини.

Двајца службеници потоа ги префрлија вакцините во комбето на Трансфузиологија. Мораа да бидат внимателни бидејќи при префрлањето од едно во друго возило, најстрого е забрането кутијата да се остави на земја или на несоодветна површина.

Вработени од службите на министерството за здравство извикуваа и бараа од новинарите да направат простор и го потенцираа токму фактот, кутијата да остане во воздух, да не заврши во валканата снежна маса на асфалтот на преминот Табановце.

Пратката во медицинското специјализирано комбе беше следена и обезбедувана од полициски џип за да се осигура брз транспорт до Скопје и до местото каде се фрижидерите за чување на вакцините.

Според планот за имунизација, овие вакцини се наменети за медицинскиот персонал во болничките ковид зони, а вакцинацијата треба да почне во среда, односно за три дена од приемот на првите вакцини.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски ја обвини СДСМ за некрофилија, најави епски проект за Кочани и рече дека извештајот во ЕП ќе биде изгласан

Дејан Дејан

Растат тензиите Трамп ја распоредува Националната гарда

Дејан Дејан

(Видео)Невреме во Кина проследено со дожд и снег – повеќе од 13 илјади луѓе се евакуирани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе