На денешен ден пред две години се случи автобуската несреќа кај Ласкарци, во која 16 лица го загубија животот, а вкупно 38 патници беа повредени.
За несреќата се уште се води судска постапка. Обвинителен акт е поднесен против шест лица осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Откако доказите на Обвинителството се разгледани, сега се разгледуваат и доказите на одбраната. Следното рочиште е закажано за на 18 февруари, со испитување на вештак на одбраната. Идниот месец ќе се одржат уште неколку, со што предметот влегува во завршна фаза.
Жителите на Ласкарци и денес се сеќаваат на трагичната несреќа, па велат дека на местото треба да има спомен облежје.
Од местото на несреќата гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари, порача вакви трагедии да не се повторат.
Во спомен на жртвите попаладне во Гостивар ќе се одржи и Мемероијален марш, со порака до надлежните, но и до учесниците во сообраќајот за поголема свесност.
Автобуската несреќа во 2019. се случи околу 17 часот. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“, кој сообраќал на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, излетал од патот и паднал во провалија откако ја пробил заштитната ограда.
Данијела Билбилоска