Во Ковид центрите во Скопје и другите градови во државата се лекуваат 579 пациенти, позитивни или суспектни на коронавирусот, информираат од Министерството за здравство. 230 од заболените се хоспитализирани низ болниците во Скопје, а останатите 349 во здравствените установи во внатрешноста. Најмногу пациенти има на Инфективната клиника – 77 и болницата „8 Септември“ – 73, а пак во болниците низ државата најголем број има во Куманово, Охрид, Велес и Прилеп, каде секојдневно се зголемува бројот на позитивни случаи, но и на хоспитлаизирани.
Од почетокот на месецот до денес во Прилеп има над 200 новозаболени. Кај 10 од нив е регистриран новиот британски сој, кој е присутен и во Охрид и во Кавадарци. Од 28 хоспитализрани во прилепската болница, тројца се заразени со новиот сој, но епидемиолозите велат дека нивната клиничка слика не е различна, ниту потешка отколку кај другите пациенти, па уверуваат дека нема простор за паника. Зголемениот број на новозаболени, велат, пред се е поради опуштеноста на граѓаните.
Секако дека делумно се должи на побрзото ширење на новиот сој на вирусот, но од она што го добивме како податок од епидемиолошките анктети за однесувањето на нашите граѓани, зголемувањето на новозаболени се должи и на непочитување на мерките за заштита, затоа што поголемиот дел од новите случаи се фамилијарни контакти, заразени на семејни средби, прослави, вели Татјана Мургоска Станимировиќ, епидемииолог во Центарот за јавно здравје Прилеп.
Инаку од Министерството за здравство информираат дека голем дел од пациентите кои се хоспитлаизирани во Ковид центрите се на кислородна поддршка, а во болниците низ земјавата има 460 слободни болнички кревети
Емилија Мисирлиевска