Македонија Топ вести

Минатото и сегашноста судрени во Маџир Маало – нови згради ќе има, а ќе има и паркови

На само една улица – две различни лица на скопско Маџир Маало. Од една страна минатото, автентична и препознатлива архитектура, за која веќе никој не води грижа. Спроти неа, нови и модерни згради какви што ќе има сѐ повеќе и повеќе.

Кога се набројуваат скопските маала, не може да не се спомене и ова – Маџир Маало. Во него сѐ уште има дотраени куќи коишто се сведоци на минатото, а и нови згради коишто само го прават сѐ поочигледен интересот на големите инвеститори за овој дел од Скопје.

Вчера Советот на Општина Центар го усвои Деталниот урбанистички план Градска четврт И 01 Маџир Маало 1. Само пофални зборови од градоначалникот Саша Богдановиќ – вели, ќе има зелени површини многу повеќе, а се бришат и градежни парцели.

„Површината за градба е намалена за 23% од претходниот план со што максимално е заштитен пешачкиот карактер на кејот на Вардар. Во стариот план се предвидени слепи улици во должина од 225 метри, 105 метри над законски дозволеното. На сметка на бришењето на слепите улици ќе се изведе кружно движење кое навлегува длабоко во планскиот опфат. Избришани се два објекти за домување со површина за градба од 252 метри квадратни, односно развиена површина за градба од 1764 метри квадратни“ изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Дел од архитектите, стручната фела, со свој став за овој стар дел од градот. Маалото веќе неповратно го губи идентитетот и препознатливиот лик.

За архитектот Даница Павловска, овој простор во себе има посебна енергија и затоа внимателно треба да се пристапи со модернизацијата.

„Маџир Маало може да остане маало само со своето име. Со новата урбана структура – каква и да е, тоа веќе не е тоа. Но, добро е да има некакви цитати од минатото, добро е планерот да ја почувствувал топлината на маалото, таа особеност и посебност на маалото. Меѓутоа, едно е сигурно. Мораме да си ја признаеме својата неспособност, несоодветно делување па и неодговорност по однос на таквите стари, вредни простори во градот, особено маала како посебна социолошка структура. Како и да е, Маџир Маало, колку и да се изразувам емотивно на индивидуално ниво, бидејќи мене ми значи затоа што го знам какво било порано – е девастирано маало и тоа побаруваше едно освежување во смисла на планско освежување. Јас очекувам овој план да е методолошки конзистентен – тоа треба да е. Да носи и креативност, но особено да е зелен“ за Телма изјави архитектот Даница Павловска.

На прашање – колку згради се предвидени за изградба во Деталниот урбанистички план за Маџир Маало 1, градоначалникот Богдановиќ не одговори конкретно.

Точна бројка кажа за зелените површини – пет паркови ќе има на местата на претходно предвидени градежни парцели кои сега се избришани.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски ја обвини СДСМ за некрофилија, најави епски проект за Кочани и рече дека извештајот во ЕП ќе биде изгласан

Дејан Дејан

СДСМ обвинува за партиски вработувања во РЕК Осломеј

Дејан Дејан

Пониква за престој на пациентите кои го преживеаја пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе