Полковникот од опозицијата Ковачки бара оставка од министерката Шекеринска и ја пријави во обвинителството за издавање државни тајни. Министерката му враќа дека Ковачки му се заканувал на началникот на Генералштабот и наместо за армиската чест одработува црна партиска пропаганда. Се почна по проблемот со недоделените НАТО безбедносни сертификати на армиски припадници.
Информациите и политичките препукувања за недоделените безбедносни НАТО сертификати завршија и во јавното обвинителство. Таму денеска полковникот Драган Ковачки, кој е и член на ИК на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави, две против министерката за одбрана Шекеринска, и трета против началникот на воената разузнавачка служба СВБИР. Ги товари дека ја загрозуваат безбедноста на државата со издавање на класифицирани документи односно државни тајни и бара оставка од министерката.
-Ова е првпат во историјата на модерна Македонија, актуелен министер за одбрана, на ваков незаконски и крајно непрофесионален начин, дрско да ја злоупотреби својата позиција и да содржини од класифицирани документи искористи исклучиво во својa лична и партиски промоција. Шекеринска ја загрозува и безбедноста, но и државата во целост со тоа што издава информации кои се од витално значење за одбраната, изјави полковник Драган Ковачки, член на ИК НА ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите на Телма, пријавата се однесува на прес конференцијата на полковникот Горан Василевски кој како началник на воената безбедносна служба го обвини токму Ковачки дека претходно ги издавал сертификати на луѓе кои сега НАТО ги прогласува за безбедносно неподобни. Министерката Шекеринска пак вели дека Ковачки сака да сокрие свои закани кон првиот човек на Армијата и дека служи на црна партиска пропаганда.
ФБ СТАТУС НА РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА: Нервоза е во прашање и тоа од две причини. Првата е што против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата. Нешто што е незамисливо за офицер во било која Армија. Втората е што наскоро согласно измените во Законот за служба во Армијата, тој ќе треба да одлучи дали ќе ја соблече армиската униформа бидејќи му е поважна партиската. Жалосно е што тој и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе.
ВМРО-ДПМНЕ, но и полковникот Ковачки кој е и во армија и во партија први јавно објавија дека офицери и претставници на одбрана се одбиени или не добиваат одговор за бараните НАТО сертификати за што бараат одговорност од безбедносниот врв кој избрал погрешни кандидати за Алијансата.
Миомир Серафиновиќ