Дали се мекици главниот виновник за „кластерот“ на Клиниката за Нефрологија од крајот на јануари? Ќерка на почината пациентка, која се заразила на клиниката, објави сознанија дека, сестри и доктори во време на пандемија се собрале на мекици во ресторан, по што изби заразата. 32-ца здравствени работници од Клиниката се заразија со Ковид-19, а неколку од нив беа и хоспитализирани.

Во коментари на нејзината објава пишуваат и за други случаи на починати пациенти кои со Ковид се заразиле на дијализа.
Директорката на Клиниката не сака да навлегува во дуел со семејство кое изгубило близок. Сочувствува со нив но, тврди дека немало никакво групно собирање на нејзиниот персонал. Вели дека тоа може да се провери и од камерите во ресторанот. Но, дали некој индивидуално присуствувал на сличен собир, не може да знае, а тоа е и вон нејзиниот домен. Потсетува дека, на оваа Клиника функционираше и Ковид оддел, низ кој во октомври поминале 50 пациенти. Протоколите и хигиената биле на највисоко ниво, но нема гаранции дека некој сепак не може да се зарази.
И од Клиниката и од Инспекторатот повикаа, семејството да им ги достави своите сознанија, а тие ќе го испитаат случајот. Од Институтот за јавно здравје, кои им правеа епидемиолошка анкета на заразените, кусо ни одговорија дека немаат такви податоци. Но, не открија до какви сознанија дошле.
Од споменатиот ресторан демантираат дека организирале настани или било какви прослави. Велат дека работат според протоколите и дека воопшто немале никакви групи гости од клиниката за Нефрологија.
Ги демантираме сите лаги и невистини кои кружат по извесни фејсбук профили и одредени медиуми: нашите ресторани работат строго и задолжително по Протоколот за работа за угостителска дејност во услови на пандемија со КОВИД-19, никогаш со отстапки!, велат од ресторанот.
Останува енигма како се случи толкав број на медицински лица кои работат во иста институција да заболат во исто време.Лабораторијата на МАНУ утврди дека кај нив не е присутен британскиот сој на вирусот.
Далиборка Демјанска Цветановска