На Табановце утре стигаат 8.000 вакцини на Фајзер кои Србија и ги вети на Македонија, а кои поради законски процедури и одобрување од производителот досега не беа дистрибуирани во земјава. Вакцините на Макеоднија лично ќе и ги предаде српскиот претседател, Александар Вучиќ. Во меѓувреме се очекуваат да пристигнат и 200.000 кинески вакцини „Синофарм“, кои премиерот Зоран Заев денеска ги најави дека ќе стигнат во земјава идната недела.
Во очекување на вакцините утово беше објавена и веб-страницата за алектронско аплицирање на вакцинација на граѓаните, која проработе по неколку часа, но со потешкотии. Од „Мој Термин“ за Телма велат дека утрово сајтот се тестирал и поради тоа корисниците не можеле да го отворат освен насловната страница, но оти од околу 11 часот утрово тој е актовен.
Телма ја провери функционалноста на сајтот. При првиот обид сајтот беше нефункционален, но од втор обид успевме да стигнеме до внесување на податоци, име презиме, матичен број, е-маил, на кој пункт сакаме да се вакцинираме и број на мобилен телефонски број на кој треба да стигне код кој потоа се внесува во апликацијата за да продолжите регистрацијата, но по кодот сајтот, едноставно кажано, се заглави.
Од „Мој Термин“ инаку информираат дека при регистрацијата внесување на бројот на мобилен телефон освен поради испраќање на кодот е и за информирање на граѓаните кога ќе им биде одреден терминот за вакцинација. Освен со известување на граѓаните преку нивните матични лекари кога им е терминот за вакцинација, тие на мобилен телефон, преку системот „Мој Термин“, ќе добијат и известување за вакцинацијата, а ќе бидат потсетени на него и два дена пред закажаниот термин.
Тамара Грнчароска