Пополнетото барање за екстрадиција на избеганиот Игор Спасов патува кон бугарското министерство за правда. За една недела од македонското министерство беа подготвени документите за да се поткрепи потерницата за избеганиот убиец на Мартин Нешковски. Спасов кој избега есента 2019-та беше уапсен минатата недела, во стан на својата партнерка која го пријавила за семејно насилство. Евентуалната екстрадиција треба да биде одобрена, а досега официјалните власти на Софија не соопштија дали Спасов има бугарско државјанство и патни исправи што може да го одложи неговото испорачување зад затворските решетки на Идризово. Бугарскиот амбасадор во Скопје порача дека тоа е сложена процедура и сигурно ќе трае неколку месеци.
-Тоа се сложени процедури, вклучени се и МВР и министерството за правда, а секако и Министерството за надворешни работи. Неколку институции се, а тука е и судот. Така да сите процедури треба да бидат завршени и јас не може да гарантиран некаков рок. Сепак е сложена процедура, и ќе треба неколку месеци, истакна бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.
Телма: Дали истрагатa утврди дека осомничениот можеби има бугарско државјанство?
Анеглов: Тоа не може да ви кажам.
Спасов во Македонија треба да долежи уште 7 години и два месеци или околу половина од затворската казна за убиството на Мартин Нешковски, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во јуни 2011-та. Иако специјалец, тигар, Спасов успеа да добие медицинска документација за да биде пуштен на лекување од затворот Идризово. Првпат кога требаше да се врати зад решетките, штипски лекари уролози меѓу кои и негов роднина му дадоа лекарско дека треба да се оперира и не смее да оди во затвор. Судот го прифати новото боледување и чекаа сам да дојде во затвор, а тешко подвижниот Спасов си избега надвор од државата. За пропустот е отворена постапка во судскиот совет, а оттаму нашле куп медицински уверенија по што барале штипското обвинителство да истражи и да открие дали се легално направени. Обвинителството уште не одговори, а од тој одговор зависат натамошните постапки за утврдување на вина, дали е кај лекарите или каја судиите, ни изјави претседателот на судскиот совет Кирил Здравев.
Миомир Серафиновиќ