Пациент заболен од Ковид-19 утрово се самоуби во „8-ми Септември“. Тој бил хоспитализиран минатата недела и бил во тешка состојба. Имал психички проблеми, бил под надзор и добивал лекарства поради специфичната состојба. Како успеал да се ослободи од креветот кој имал безбедносна рамка допрва ќе се утврдува. Од Државниот здравствен инспекторат е испратен тим во болницата за вонреден надзор
Седумдесет годишен скопјанец заболен од Ковид-19 и хоспитализиран во „8 ми Септември“ утрово си го одзеде животот скокајќи од прозорец од првиот кат од болницата. Тој бил хоспитализиран минатата недела, во меѓувреме се јавиле и психички проблеми и бил под посебен надзор од тим на психијатри во болницата.
„8 ми Септември“: „ Пациентот А.Ц. (70), хоспитализиран на Интензивна нега, во тешка состојба, и под психијатриска контрола и обсервација, и покрај сите превземени мерки, во утринските часови скокнал од прозорец од првиот кат. И покрај превземените реанимациони постапки од страна на дежурна епина, во 7.30 часот е копнстатирана смрт. Известени се сите надлежни институции, министерството за здравство, МВР и ДЗСИ кој врши вонреден испекциски надзор“.
Според информациите на Телма, пациентот кој бил заболен од коронавирус бил хоспитализиран на почетокот на минатата недела на одделението за пулмологија каде лежел пет дена. Неговата состојба се влошила, сатурацијата почнала нагло да паѓа и затоа бил преместен на Интензвина нега. Тогаш се јавиле и психичките проблеми кај пациентот па затоа на дневна база со него работел психијатар кој му препишал седативи а во неговото досие има пет психијатски извештаи откако бил примен во „8 ми Септември.
Пациентот бил во специјален кревет со т.н. безбедносна рамка а собата ја делел со уште еден пациент кој бил приклучен на респиратор и не бил во свесна состојба.
Нашите извори тврдат дека утрово тој бил посетен од лекарскиот тим за време на утринската визита и дека во тој момент спиел. Меѓутоа како успеал да ја отвори рамката допрва ќе се утврдува. Тој станал од креветот и си го одзел животот.
Од „8 ми Септември“ брифираат дека во болницата е редовна пракса на сите пациенти во тешка состојба но и оние кои ќе побараат да им се пружа психијатриска поддршка.
Огнен Чанчаревиќ