Пописната апликација содржи доволно алатки за прибирање и чување на личните податоци. Во ова се уверил директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, Имер Алиу, при средбите со првите луѓе на Заводот за статистика. Во разговор за Телма, тој вели дека нема контрадикторност меѓу законите кои гарантираат доверливост на матичниот број и другите лични податоци и нивното споделување со попишувачите.
Лицето кое му дава лични податоци на попишувачот автоматски се согласува тие податоци да бидат користени за статистички цели. При тоа, Законот точно пропишува со кого може да се споделуваат тие информации и како треба да се чуваат. И европските стандарди се водат по принципот „дизајнирана приватност“, вели директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, Имер Алиу.
Од Заводот за статистика нагласуваат дека пописот ќе даде многу значајни податоци. Меѓу нив, и за бројот и особеностите на дијаспората.
На дебатата оргаизирана од Цивил, Симовски не се осврна на различното гледање на попишувањето лица отсутни над една година со неговиот заменик Илми Селами. Тоа и го препушти на Владата, која испрати соопштение со цитати од Методологијата. Со неа се појаснува дека лицето што е во странство, треба да пополни онлајн апликација. Ако не го стори тоа, полнолетен член на домаќинството што живее на истата адреса, има право да даде матичен број и други податоци за имотот, образованието, религијата, јазикот и слично. Некомплетната апликација не може да биде затворена. Токму деталите околу ова прашање оставија впечаток дека директорот Симовски и заменикот Селами имаат различни читања. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за меѓупартиско договарање на податоците. Партијата инсистира на попис 2022 и почна процедура за поништување на законот за попис во април годинава.
Соња Николовска