Постои ли недоразбирање меѓу директорот и заменикот на Заводот за статистика околу попишувањето на лицата што се отсутни од земјава повеќе од една година? Апостол Симовски и Илми Селами велат – не! Се работи за меѓусебно дообјаснување, а не за различно читање кој и како може да изнесе доверливи податоци, меѓу кои – матичен број, имот, религија, етнос и друго. Во меѓувреме, ВМРО ДПМНЕ ја почна постапката за поништување на целиот закон за попис.
Лицата присутни во земјава кои ќе даваат податоци за оние што на привремена работа или престој во странство, освен матичниот број, ќе даваат податоци и за: имотот, образованието, етничката и религиозната припадност, инвалидноста или физичката попреченост и друго. Ова го предвидува Законот за попис, објаснува за Телма заменик директорот на Заводот за статистика, Илми Селами. Вели дека тоа не е во спротивност со изјавата на директорот Апостол Симовски, туку ја дообјаснува.
За да се затвори апликацијата, сите полиња со барани карактеристики треба да се пополнат. Точно е дека се работи за доверливи податоци кои роднина или пријател може да ги изнесе пред попишувачот, но со дозвола и доверба од отсутното лице. Ние нема да се расправаме јавно, но овој закон всушност е исклучок од забраната за споделување лични податоци, вели Илми Селами, Заменик-директор на Заводот за статистика.
Пред три дена, при презентацијата на Методологијата, директорот Симовски изјави дека некои податоци може да ги даде само лицето што се попишува.
Додека првите луѓе на Статистика ги усогласуваат ставовите околу директниот процес на попишување, опозициската ВМРО-ДПМНЕ почнува процес за целосно поништување на Законот. Со 175 потписи, иницираат граѓанско собирање на најмалку 10 илјади потписи за одложување на пописот за една година.
Овие потписи треба да се проверат во Законодавно-правната комисија, да му се достават на спикерот Талат Џафери, кој ќе ја извести ДИК за отварање на подрачните одделенија за потпишување. ВМРО-ДПМНЕ се надева дека тоа би можело да почне на почетокот на наредниот месец. За да биде усвоен, Предлог-законот повторно треба да дојде во Собранието и да обезбеди мнозинство гласови од пратениците.
Соња Николовска