Двајца гинеколози од битолската Клиничка болница се суспендирани од работното место, затоа што дозволиле трето лице кое не е вработено во оваа установа да изведе царски рез во операциона сала додека биле на дежурство.
Полицијата денеска до Обвинителството им поднесе и кривични пријави за злоупотреба на службата. Настанот се случил на на 1 јануари годинава кога едниот од гинеколозите и овозможил на својата сопруга, инаку од Белград, Србија, без соодевтна лиценца издадена од македонската Лекарска комора да изврши породување на родилка со царски рез. Битолската полиција поднесе кривична пријава и за сопругата на битолскиот гинеколог за кривично дело надрилекарство, а пак тој покрај злоупотреба на службата се товари и за фалсификување на службен документ.
СВР Битола: „По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“.
Директорката на Клиничката болница во Битола, Билјана Гагчовска, за Телма го потврди настанот и рече дека ги презела сите мерки веднаш откако добила пријава дека неовластно лице, невработено во болницата е присутно во операционата сала на Гинеколошко акушерското одделение и започната е процедура за сите кои биле во операционата сала тој ден.
„Веднаш по добивање на пријавата уште истиот ден започната е процедура која ги вклучува сите присутни на наведениот ден кои биле во салата. Согласно законските можности отпочната е процедура за упатување на Дисциплинска комисија поради вршење на дисциплински престап. За двајца од вработените, како одговорни оператори во сала и дежурни, донесено е решение за времено отстранување од работа, со цел непопречување на процесот на постапката на Дисциплинската комисија. Дисциплинската процедура е во тек, а по завршување на дисциплинската постапката и добивање на предлог за изрекување на казна ќе бидат изречени соодветни мерки“ – Билјана Гагачовска, дирекор на Клиничка болница Битола.
Телма контактираше со двајцата лекари гинеколози во битолската болница, но ниту првопријавениот Михајло Вангелов, ниту другиот лекар кој бил на дежурство тој ден, Гоце Чакаровски, инаку поранешен заменик министер за здравсто, не сакаа да го коментираат настанот се до завршување на дисциплинската постапка.
Емилија Мисирлиевска