Го преживеаја земјотресот, но сега може да паднат поради новиот ДУП- тврдат сопственици на куќи кои се изградени од германски градежници пред и за време на Втората светска војна. Поради својата урбанистичка градежна германска жилавост издржале над 80 години- сега се под опасност да се урнат поради предвидени градежни зафати и изградба на нови згради во Хром. Куќите се градени наедно, како целини со исти темели и потпорни ѕидови, а поделени на две засебни целини во две различни катастарски парцели. Деталниот урбанистички план е направен според парцелите, а не според темелите и сега куќите ќе може да се поделат и на нивно место да се градат засебни згради со што темелите ќе се поделат на пола бидејќи сопствениците на половина од куќата не сакаат зграда туку куќа со двор.
Од урбанистичкиот сектор на општина Ѓорче Петров велат дека сите свои ингеренции и законски обврски ги примениле, а сопствениците во првата анкета побарале зголемување на габаритот додека во втората не се обратиле. За приговорите на сопствениците- надлежноста да одлучува во наредни фази на урбанистичкиот процес е во државните органи, возвраќаат од општината.
Дејан Лазиќ е скопјанец, трета генерација во куќата со број 51 на улица во Хром. Неколкупати е помлад од куќата која му е дом, и семејно наследство, и уредено живеалиште блиску до центарот на Скопје, а тивко. Неговиот дом всушност е станбен објект со исти темели и носечки столбови- кој е подделен на две станбени целини со посебни катастарски броеви. Во реалноста е така, а во последниот ДУП на општина Ѓорче Петров- зградата е поделена на две со две маркици за два станбени објекти згради. Така на две е подделена и реалната куќа. И веќе се интересираат инвеститори за да градат, или на исцело или на пола што го плаши семејството од паѓање на куќата во која сакаат да живеат наместо да се прави зграда.
Потпорниот ѕид на хартија изгледа вака- се протега од крај до крај на истиот објект кој е подделен на две семејства. Ист проблем има и соседот Борче Џиковски, и тој сака да остане да живее во својот дом кој е во двојна куќа со исти темели, ама ДУП-от му го расипал секојдневието бидејќи сега соседот сака да гради со што домот му е во опасност.
Секторот за урбанизам на општина Ѓорче Петров се наоѓа во простории во близина на новото седиште на општината кое е во изградба како дел од јавно-приватно партнерство, аманет оставен од претходниот градоначалник. Надлежните локални урбанисти велат дека за парцелите заинтересирани инвеститори отпочнале постапки заедно со законски предвидените обврски за заштита на куќите кои се дел од ист објект.
Во одделението за спроведување на урбанистички планови се постапува исклучиво по усвоена важечка планска документација, во конкретниот случајов за БЛОК СЗ 20.7, предвидено е да се гради објект со намена А2, кој е лепенка со предвиден објект кој е непосреден сосед. За стабилноста на постоечките објекти на соседот, инвеститорот, согласно Законот за градење доставува ревидиран проект за Градежна јама, каде се третира заштитата на соседниот објект и исто така инвеститорот доставува Изјава заверена на нотар, со која потврдува дека, во случај на штети на соседниот објект, ги сноси сите трошоци за доведување на објектот во првобитна состојба, одговорија од општина Ѓорче Петров.
Во досието за конкретниот ДУП кој го опфаќа цел Хром стоеше таква нотарска изјава. Проблемот е што на сопствениците, градежните експерти им потврдиле дека реално ќе има проблеми-едноставно куќата кога ќе се подели наместо симетрична ќе стане несиметрична и додека лепената зграда ќе оди нагоре, нивните куќи ќе одат надолу. Дури после во најлошо можно сценарио ќе имаат право да бараат отштета за оштетување на сопственоста или доколку некој настрада.
Во КОД вечерва (19:15 на 07.02.2021. недела) ќе биде емитувана целата сторија за Хром и градежниот зафат според за сопствениците спорниот ДУП. Во КОД и приказната за кафкијанскиот судски процес без крај во кој македонското правосудство се уште го гони невиниот скопјанец Злате Стојановски, додека криминалците кои му ги украле идентитетот за што отиде и во затвор- се на слобода и непознати за полицијата и обвинителството.
Миомир Серафиновиќ