Поддршка за средношколците во Собранието има – но, не и од мнозинството. Дел од опозиционерите ги повикуваат колегите пратеници заеднички да интервенираат во Законот за средно образование и да им се удоволи на средношколците да полагаат два наместо четири предмети.
СДСМ стои зад политиките на министерката Царовска, а Сојузот на средношколци чии претставници денес имаа состанок со пратеници во Собранието, наиде на поддршка од неколку опозициски партии. Во меѓувреме тие продолжуваат со бојкотот на наставата.
Денес, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образование. Ја повикаа министерката Мила Царовска да ги прифати сите пропусти во образовниот систем и да делува рационално, и да излезе во пресрет на барањата на средношколците.
А, министерката за образование и наука и денес како и повеќе денови наназад го повторува ставот на нејзиното министерство – матура ќе има, со четири предмети на матурскиот испит.
Од Сојузот на средношколци пред неколку дена испратија меил со обраќање до нешто повеќе од осумдесет пратеници бидејќи не сите од нив имале меил-адреса. Денес се сретнаа со сите парламентарни партии освен со ДУИ. Средба со Интегративците имаат утре на агендата.
Петар Догов