Европската унија ги заостри правилата за патниците од државите надвор од унијата, прецизирајќи дека слободен влез ќе биде дозволен само од земјите кои имаат мал број на случаи со коронавирус и занемарлив број на лесно преносливите мутации, јавува Ројтерс, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ постигнале согласност на состанокот во Брисел за новите ограничувања кои ја вклучуваат и Велика Британија.
Според препораките за патувањата кои не се неопходни, земјите на ЕУ се поттикнуваат да дозволат пристап без ограничувања, но со задолжителен карантин и под строги критериуми. Тоа ќе важи за патниците кои доаѓаат од земјите кои немаат повеќе од 25 случаи на Ковид – 19 на 100.000 жители во текот на 14 дена, што е пониска стапка на заразеност отколку во сите земји на ЕУ, објавува Ројтерс.
Било сугерирано да се воведе ограничување за патниците од земјите во кои е откриена голема присутност на мутациите на коронавирусот.
Да потсетиме дека Германија, веќе воведе строги ограничувања, додека Белгија до март ги забрани сите патувања кои не се неопходни во и од земјата.