Рушење и дивеење без правна аргументираност, без информирање на сопствениците и покрај фактот дека им е даден рок приколките да ги дислоцираат до крајот на февруари е вандализам, револтирано реагираат од Здружението на граѓани и кампери на езеро Треска.
Тие ги повикаа надлежните институции, МВР и Обвинителството да не молчат и конечно да реагираат на терен.
Побараа средба со премиерот Заев во спротивно ќе излезат на протест пред Влада.
“Видовме што се случи со Матка. Никој ништо не му може на тој локален шериф. Исто ќе се случи и овде. Премиерот Заев рече дека нема да дозволи локални шерифи да владеат, меѓутоа еве се уште владеат. Ние се надеваме дека Премиерот ќе прифати или службите негови, затоа што ако не го прифати во среда или во четврток ќе организираме протест пред Влада. Ако треба и приколки ќе оставиме пред Влада за да видат со каков проблем ќе се соочуваат понатаму.
Велат дека повеќето немаат добиено ниту решение дека треба да се селат, само 50 – 60 приколки имаат добиено такво решение” – вели Петре Неделковски од здружението на граѓани и кампери на езеро Треска.
“Ти нуди известување без решение за селидба. Кршат, дробат приколки, пуштаме слики по интернет по Фејсбук, на Вибер и никој нема слух за нас. Значи ние и како кампери и како граѓани на град Скопје сме деградирани, општо сме деградирани” – вели Олгица Јанакиевска.
На сите нас во Железара ни одбиваа на сите поголеми фирми овде ни одбиваа од плата по 2 %. Значи ова не еднаш сто пати е платено. И сега да му дадат на некој што сака да руши да прави самоволие, железа носат, значи никој ништо не знае што се работи.
За Сабахудин Рустеми, кој раководи со комуналното претпријатие „Сарај“ваквите тврдења се неосновани, бидејќи станува збор само за евиденција на терен, вели тој.
Инспекторите на општина Сарај вршат евиденција на камп приколки и сите други објекти таму од тврда градба кои што се изградени без дозвола од надлежен орган. Регистрација се врши поради индиции дека се вршат кражби на камп приколките и на нелегалните тврди градби и ќе се донесе решение за рушење поради непоседување согласност од општина„ Сарај“ и ЈПК „Сарај“, вели Рустеми.
Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, и го покажа на јавноста ДУП за Езерото Треска. Со новиот ДУП е предвидена изградба на хотел со пет ѕвезди и дрвени бунгалови веднаш до езерото. Хотелски комплекс ќе има и во непосредна близина на езерото како и викенд населба, трговски центар и отворен пазар.
Тој останува на ставот дека сите приколки ќе бидат дислоцирани и ги обвини камперите за самоволие бидејќи поставувале тврди градби без ничија дозвола.
Владата во ноември 2013, надлежноста на езерото Треска од Град Скопје ја префрли на Општина Сарај.
Земјоделското земјиште околу езеротот лани Владата го пренамени во градежно со што го отвори патот за измените во ДУП – от. Иако се работи на терен, општината сеуште чека одлука од Владата за прогласување на езерото Треска за развојната туристичка зона.
Нина Стефанова