Владата и пратенциите од власта и опозицијата повторно отворија простор за злоупотреби со екстралесното масло за домаќинство што претходно беа констатирани од државните институции. Овој енергенс како поевтин, наместо за греење во домаќинствата, во огромни количини со децении завршуваше во резервоарите на автомобилите, на штета на буџетот и животната средина.
Иако, пред седум месеци проблемот краткорочно се реши со Уредба со која се изедначија акцизите за екстралесното масло за домаќинство и дизел горивото, сепак таа Уредба истекува денеска, а со оглед дека измените на Законот за акцизи во кој е вметната Уредбата не е донесен оставен е простор во игра да се вратат злоупотребите.
Законските измени Владата доцна ги прати во Собрание, а потоа преовлада партискиот пред јавниот интерес и законот остана заглавен во Собрание. Регулаторната комисија за енергетика веќе соопшти дека во игра се враќаат старите правила.
„Доколку во меѓувреме Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акциза во кои се вметнати одредбите од Уредбта, РКЕ ќе закаже седница и ќе изврши соодветно усогласување на одлуката“, велат од Регулаторна комисија, а оттаму веќе во неколку наврати посочија дека злоупотребите се на штета на буџетот. При тоа, последните анализи им покажале дека изедначувањето на акцизата на Екстралесното гориво со дизелот, има резултати со оглед дека употребата на Екстралесното е намалена.
Потрошувачката на Екстралесното гориво за првите единаесет месеци од годинава, споредено со првите 11 месеци од 2019 година е намалена за 14 проценти. Имајќи предвид дека Уредбата е донесена кон крајот на април, правевме анализа за вториот дел од годината и таму имаме намалување помеѓу 35 и 40 проценти. Тоа упатува дека на овој начин се зголемени приливите во буџетот и се спречени малверзациите, односно, наместо екстра лесно се точeло тоа што треба, односно дизел и на тој начин се дал и значителен придонес и кон заштитата на животната средина, изјави пред 10-тина денови претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Дека изедначувањето на акцизите за екстралесното гориво и дизелот е оправдано беше ставот и на ВМРО-ДПМНЕ.
Треба да се размисли за делот од предлогот за изедначување на акцизата за екстра лесното гориво со таа на дизелот. Овде се прават големи малверзации и државната каса е во континуитет оштетена за значително приходи по овој основ, изјави тогаш Трајко Славевски .
Се додека законските измени кои се во собраниска процедура не бидат донесени, штетите ќе бидат големи, со оглед дека претходните анализи покажаа оти буџетот е оштетен за 30 милиони евра годишно, а еколошките ефекти се катастрофални, бидејќи екстра лесното е сто пати поголем загадувач oд дизелот.
Наташа Стојановска