Истиот вид на Корона циркулира во Македонија од почетокот на пандемијата до денес. Никаква мутација што го прави вирусот позаразен не е присутна кај нас, тврди министерот за здравство Филипче, потпирајќи се на научни истражувања.
Но, сепак регуларниот вид на Ковид-19 е тука, меѓу нас и затоа сѐ уште не е време за опуштање, предупредуваат здравствените власти.
„Излегоа резултатите од анализите во лабораторијата на МАНУ и беше утврдено дека нема мутација на вирусот слична на таа во Велика Британија и дека вирусот практично е истиот којшто цело време е присутен во изминатите повеќе месеци. Но, и тоа не е сигнал дека треба да ги олабавиме мерките. Значи сите донесени мерки остануваат на сила“ изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Маска, дезинфекција, растојание се трите основни начела додека вакцината е на пат. Кога ќе стигне – никој не знае, а преговорите сѐ уште траат.
Министерството за здравство за набавка директно се договара со производителот „Фајзер“, а разговори има и во текот на денешниот ден.
„Вчера имавме разговор со претставништвото на „Фајзер“ во Белград коешто практично е посредник со нивната канцеларија во Њујорк и таму се работи на двата договори. Прво, нашиот драфт-договор за нашите 800 илјади дози и второ дозволата за српските власти да ги дадат потребните фајлови за ние да ги увеземе тие вакцини од нивната земја. Очекувам и денес повторно да имаме разговори. Нѝ укажаа дека се под навистина голем притисок и во комуникација со буквално сите земји во светот и тоа е причина зошто сите овие процеси одат поспоро“ изјави министерот Филипче.
Ден откако српските власти ги поканија македонските медицинари да се вакцинираат кај нив – министерот Филипче учтиво се заблагодари и одби.
Се подготвува вакцинација на целото население, а тука се вбројуваат и нашите лекари, изјави тој на прес-конференција со новинарите организирана за да му се заблагодари на градоначалникот на Чаир за донација на две болнички возила.
Петар Догов