Извршителите во 2019 година наплатиле над 123 милиони евра од граѓаните, компаниите и државата и заработиле речиси 9,9 милиони евра. А за 14 години од нивното работење, наплатиле вкупно 1 милијарда 365 милиони евра.
Извештајот за работата на извршителите во 2019-та – годината во која за прв пат ги затворија канцелариите и протестираа, покажува дека не се остварија нивните стравувања дека драстично ќе падне наплатата и приходите. Тие не се многу поразлични од претходните години. Сепак за извршителите, 2019 година не била така добра. Имало пад не само на наплатата туку и на вработените во извршителските канцеларии.
„Во 2019 година се забележува намалување и на вкупно наплатените средства и намалување на стапката на ефикасност, иако има зголемување во бројот на примените предмети.“ – велат од КИРМ.
Податоците покажуваат дека 2017 година била рекордна со наплатени 166 милиони евра. А другите години наплатата се движи од 107 до 127 милиони евра. Варира и заработувачката од околу 10 до 11 милиони евра.
Извештајот за 2019 година е објавен неодамна, а податоци колку наплатиле лани, се уште нема. Но, извршителите велат пандемијата и стопирањето на извршувањето драстично влијаела на нивната работа.
„Намалувањето на општата стопанска активност поради пандемијата предизвика и намалување на ликвидноста на друштвата па оттаму и намалена наплата на долговите. Претпоставуваме дека трендот кој се забележува од 2017 година ќе продолжи, односно, падот во наплатата и во ефикасноста повторно ќе биде евидентен.“- изјавија од Комората на извршители.
Во 2019 година најмногу пари биле наплатени од должници – компании – речиси 68 милиони евра. 35 милиони евра биле наплатени од граѓаните, а 22 милиони од државата како должник. А најмногу средства пак се наплатени во полза на компаниите – речиси 100 милиони евра.
62 милиони евра или половината од вкупно наплатените средства се на подрачјето на Скопје, а најмала наплата има во Прилеп и Крушево.
Имало и 207 поплаки од странки за работата на изврштелите. И пет барања за изземање на извршител, кои не биле прифатени. А двајца извршители завршиле на извршување, оти не си ја платиле казната од Дисциплинката комисија на Комората.
Инаку, лани изборите го стопираа носењето на новиот тарифник од Министерството за правда со кој требаше да се скратат наградите за извршителите. Но од Комората велат – во моментот нема никакви преговори за намалување на тарифата.
Александра Филиповска