Универзитетскиот професор, правник и аналитичар, поранешен советник во Владата, поранешен помошник директор во Царина, поранешен Претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, воедно – поранешен висок партиски функционер во Народна партија и во Демократска десница, Александар Даштевски, даде заклетва дека стручно и професионално ќе ја води Државната изборна комисија. Објаснува дека партиското влијание завршува со изборот на функција.
Целосниот состав на ДИК стапи на должност со давањето свечена изјава пред спикерот Талат Џафери. Членовите беа избрани во куса собраниска процедура, едногласно, со 95 гласа за. Од минатиот состав, останаа Дитмире Шеху, поддржана од ДУИ и Борис Кондарко и Радица Ристевска, поддржани од СДСМ. Им се придружи поранешниот заменик министер за правда Оливер Ристовски. Додека власта и натаму има мнозинство, ВМРО ДПМНЕ има претседател и уште еден член – Бобан Стојановски од собраниските служби. Како втора опозициска партија, Алијанса-Алтернатива, застана зад правникот Кренар Лога.
Прв предизвик за Комисијата ќе бидат Локалните избори кон крајот на оваа година.
Соња Николовска