Ракометарите на Вардар од денеска ги почнаа подготовките за продолжението од сезоната. “Црвено-црните” во првиот дел се соочија со низа проблеми, нарушен ритам на одигрување на мечеви, серија карантини поради позитивни резултати на инфекција со коронаворусот.
Вардар во продолжението го очекуваат голем број на мечеви, посебно тежок е календарот во февруари, кога Вардар треба да одигра голем број на мечеви. Но, тоа се чини нема да биде проблем за ракометарите кои со нетрпение очекуваат враќање на теренот.
“Конечно, по завршување на зимската пауза се собравме на подготовки за тоа што нѐ чека, а тоа е тешкиот месец февруари во кој имаме премногу натпревари и мислам дека тоа е нешто што мора да нѐ мотивира и да нѐ држи сплотени ако сакаме да ги оствариме сите цели кои ги имаме зацртано со Вардар. Едноставно, оваа пауза на сите добро ни дојде за да се рехабилитираме и да оздравиме од ситните повреди кои ги имаме. Имаме тежок распоред, во кој мораме да останеме фокусирани и цврсто на земја и да се обидеме да ги вратиме тие неколку меча, кои ни избегаа во првата полусезона и да направиме што е можно подобар резултат за Вардар, а тоа значи и повисок пласман на табелата, но и полесен противник во баражот. Нѐ очекува многу работа, фокус и концентрација. Ќе мислиме на успесите на Вардар и на ракометот во Македонија”, изјави голманот Борко Ристовски.
ФОТО: Игор Паневски