И покрај средбите со надлежните и одржаните протести пред Владата, маките на тутунопроизводителите продолжија.
Назадоволни од цената за килограм тутун од годинешната реколта, која кај откупувачите сега во просек изнесува 167,5 денари , што е пораст за само 2,5 денари последниов месец, тутунопроизводителите в среда ќе одат на нова средба со министерот за земјоделство Арјанит Хоџа.
„Бараме просечната цена да биде 200 денари. Значи од старт нашите барања се доставени и во Министерството за земјоделство и кај премиерот. Откупувачите прифаќаат сѐ на збор, но кога ќе дојде до реализацијата на терен – нема реализација“ изјави Тони Ангелески од Иницијативниот одбор на незадоволни тутунопроизводители.
На досегашните средби со министерот за земјоделство, на кои покрај тутунопроизводителите присуствува и откупувачите, е договорено одбитоците кои на почетокот на откупната сезона изнесуваа 10%, да се намалат на 5-6% за нетутунски материјали.
А, според Ангелески, министерот се заложил да ја провери и законската можност за укинување на 4 класа тутун, со што ќе пораснат цените при откупот кај останатите класи.
Но, тутунопроизводителите остануваат незадоволни од начинот на кој се цени нивниот производ при откупот.
„Моментално се оди на ценење спрема шифри. Тие си одат по мостри. Реално, 30 години наназад, никогаш не се одело според мостри. Мострите биле ставени на вид во откупното претпријатие бидејќи мора зашто со закон е така вградено. Ама годинава се оди по мостри. Мислам дека во изминатите 20 години вака лоши мостри сме немале“ изјави Тони Ангелески од Иницијативниот одбор на незадоволни тутунопроизводители.
Од Иницијативниот одбор ќе одат кај министерот Хоџа без претставници од Сојузот на здруженија на тутунопроизводители зашто, според Ангелески, тие го смениле однесувањето.
Иако најавиле, не ги повлекле поверениците и не се појавиле на протестот пред Владата, на 4-ти овој месец.
За проблемите со откупот, тутунопроизводителите беа на средба и кај премиерот Заев, а сега помош бараат преку отворено писмо и од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Проблемите со откупната цена на тутунот предизвикаа слаб откуп од почетокот на сезоната. Од 23 милиони килограми тутун, до сега се откупени само 6-8 милиони килограми, дополнува Ангелески.
Сотир Трајков