Македонија Најважни

Молк од МНР за анексот на Договорот со Бугарија најавен од Каракачанов

Има или нема Анекс на Договорот со Бугарија? Молк од власта откако бугарскиот министер, Красимир Каракачанов, најави дека во Скопје доставил Анекс од 12 точки што Македонија ќе мора да ги прифати ако сака да добие датум за почеток на преговорите.

Во кусото соопштение од МНР, нема ниту збор за ова. Се вели дека има редовна комуникација меѓу двете страни и континуирана размена на мислења и на идеи.

Нема детали ниту за патувањето на специјалниот претставник, Владо Бучковски, неделава во Софија, што исто така беше најавено од Каракачанов.

Во соопштението се вели дека улогата на Бучковски е редовно да патува за Бугарија со цел следење на Акцискиот план и   очекувано во наредниот период често да патува на релација Скопје – Софија.

Министерот Османи, пак, неделава остварил комуникација со министерката Захариева, и било договорено, претстојните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план.

За разлика од македонското МНР, Каракачанов вчера беше многу прецизен. 

Каракачанов тврди дека Бучковски веќе во вторник или среда ќе биде во Софија, но позицијата на Бугарија нема да биде променета и по оваа средба, напротив, ќе биде зајакната.

Вели и дека бугарските политичари на темата Македонија се согласуваат 95%. „Бугарија не е земја каде што  странските амбасади го пишуваат Уставот, законите и некој друг ги одредува нашето знаме и име. Мислеа дека ЕУ е нешто како поранешна Југославија, каде што има голем шеф со голем морков, кој поминува покрај друг морков и го удира со стап по главата. Помислија дека, откако ќе претседава најмоќната економска држава во моментот, Меркел ќе не` победи  Борисов, мене и Захариева и ние ќе клечиме. Се обидов да ги убедам, но тие не ме разбраа. Сега ќе чекаат долго!“ вели Каракачанов.

На сето ова реагираше и опозицијата.

Претседателот Пендаровски пред неколку недели изјави дека не гледа потреба за Анекс на Договорот, додека пак премиерот Заев убедуваше дека нема да има никаков Анекс.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Енрике Лејче: „Харвард“ можност да запознаете прекрасни луѓе од цел свет

Дејан Дејан

КОД: Трае истрагата за Крмзов

Дејан Дејан

Инспекциите на потег за бесправната експлоатација на коритото на Вардар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе