По Чешка и Словачка и Австрија го официјализираше ставот дека на билатерални и историски прашања не им е место во процесот на проширување на Европската унија. Откако бугарските барања за преговарачката рамка за земјава, но и во заклучоците на ЕУ за проширувањето, го блокираа целиот процес, австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, со порака, ваквите прашања да бидат одделени од европскиот процес.
„Да бидам јасен, од наша перспектива, билатералните и историските прашања треба да бидат одделени од ЕУ процесот. Ми се допадна тоа што го кажавте, процесот на проширување е процес на европеизација, а не процес на билатерализација и тоа треба така да остане“, изјави Шаленберг.
Австрија која не сака, како што рече Шаленберг, да види во иднина бела точка на мапата на ЕУ, изрази длабоко разочарување што не се започнати пристапните преговори со Македонија и со Албанија.
„Вие ја завршивте работата како што треба и се надевам дека врз основа на системот на заслуги – да тешко е, но мора да биде фер и верувам дека ќе биде фер – што е можно побрзо и формално да започнат пристапните прегвовори со Скопје. Може да сметата на австриска поддршка за тоа“, рече Шаленберг.
Македонскиот шеф на дипломатијата од Виена пак и порача на Европската Унија дека одложување на старт на преговорите со Македонија е грешка.
„Нема сомнеж дека сме подготвени и бевме подготвени да ги почнеме преговорите и нема сомнеж дека какво и да е одложување на старт на преговорите е навистина грешка“, порача Османи.
Според него процесот на постигнување на консензус во ЕУ е комплексен и тежок, но порача оти земјава не се откажува и ќе работи засилено на реформите и добрососедските односи за тоа да го забрза.
„Но би било чесно да признаеме дека тоа не ја прави грешката помала. Северна Македонија до сега требаше да ги има започнато преговорите,“ рече Османи.
Додека Османи се обидува да ги убеди европските метрополи во грешката кон Македонија, премиерот Зоран Заев се обидува да ја убеди Софија дека Македонците пред 70 годони не биле Бугари, откако тоа повторно го изјави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов. Заев на, пријателот Каракачанов, како што го нарече му порача дека македонските граѓани на 31 декември 1943 не заспале како Бугари и на 1 јануари 1944 се разбудиле како Македонци, туку дека биле Македонци со векови. Заев денеска повтори дека и покрај сите провокации кои доаѓаат од Бугарија, Македонија останува на одлуката бугарски воени авиони да и го штитат небото, со објансување дека тоа можеби ќе влијае врз Бугарија да го смени ставот кон земјава.
Тамра Грнчароска