Опозициската ВМРО ДПМНЕ смета дека со предложениот буџет нема да се обезбеди финансиска консолидација, туку ќе се зголеми јавниот долг кој би достигнал 67 проценти. Обвинија дека Владата не се справува со пандемијата, економијата тоне а криминалот и корупцијата растат. Буџетот кој ни се нуди е пишан збор со научно фантастични секвенци, рече Златко Пенков.
Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски уверува дека буџетот нуди економска стабилност и раст а обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата.
Со Буџетот се обезбедуваат и средства за локален, рамномерен, регионален развој, здрава и одржлива животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.
Врвен приоритет ќе бидат инвестициите во човечки капитал а ќе са засилуваат и конкурентноста на приватниот сектор и на трговските друштва. На пратениците им останува уште еден ден расправа во Парламентот по што ќе се пристапи кон гласање. Опозицијата најави дека нема да даде зелено светло со што властва ќе треба да обезбеди мнозинство за гласање.
И додека народните избраници се надмудруваат за тоа кој повеќе работел според последните податоци од Еуростат, Македонија е трета најсиромашна земја во Европа. Пред неа се наоѓаат само Албанија и БИХ со БДП што е околу 31% од просекот на ЕУ.Ова значи дека ќе бидат потребни децении за да се достигнат економските стандарди.
Јулијана Пешевска