Четири објекти синоќа биле затворени од страна на државниот пазарен инспекторат поради непочитување на протоколите за ковид-19. Три од нив се угостителски објекти, меѓу кои е и локалот „Мош“, а затворено е и јога-студио, информираше на прес-конференција првиот човек на пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.
Пауновски рече дека при контролите, дел од гостите со навреди ги пречекале инспекторите.
„Пазарниот инспекторат синоќа имаше полни раце работа. Фатени се дека работат во 23 часот, 24 часот, а кај еден угостителски објект имаме и кинење на пломба пред да биде поминат рокот за забрана за работа и повторно почнал со работа. Тоа е објект во Чаир и повторно е запечатен и е поднесена кривична пријава за кинење на службен печат на институција“, рече Пауновски.
За локалот „Мош“, кој и претходно беше казнуван поради грубото прекршување на мерките на свирките на српскиот пејач, Владо Георгиев, Пауновски најави нови санкции.
„Истиот субјект е казнет и по претходниот закон кога поднесувавме кривични пријави и тогаш беше затворен, сега пак ќе биде казнет и по новиот закон. Во рок од три дена доставуваме казни преку платни налози, а објектот ќе биде затворен од 10 до 30 дена“, рече Пауновски.
МВР за истиот случај најави и кривична пријава.
Пауновски, порача дека инспекциите ќе се засилат и во претстојниот период на празници и апелираше на одговорност.
„Да не си мислат дека инспекторите контролираат само до 18 часот, а после забавите може да продолжат. Инспекторите се на терен и ги проверуваат сите објекти каде се сомневаме дека има повторно групирање и кршење на протоколите. Мерките и казните се доволни, но мора да се крене свеста и одговорноста“, вели Пауновски.