Американската агенција за храна и лекови забрзано работи да одобри итна употреба на вакцината против ковид 19 на компанијата Модерна – втората вакцина која од советодавното тело доби зелено светло за итна употреба. По неколкучасовна дебата околу техничките детали за студијата на фармацевстаката компанија, речиси сите ја поддржаа одлуката за борба против пандемијата. но, Еден од панелистите остана воздржан.
Речиси шест милиони дози од оваа вакцина се наменети за дистрибуција низ цела Америка. Се очекува регулаторното тело да го послуша советот, исто како што стори пред една недела кога ја одобрија вакцината на Фајзер и Бионтех, додека бројката на починати од корона вирусот во САД секојдневно урива рекорди.
Двете вакцини се многу слични, покажуваат ефикасност од 95%. Но, онаа на Модерна е многу пофлексибилна за транспорт бидејќи за нејзина стабилност се потребни минус 20 степени, а во обичен фрижидер може да се чува до 30 дена до истекот на рокот за употреба.
Се повеќе земји најавуваат брз почеток на вакцинација. Но, според ОН, само богатите држави склучиле договори за масовно купување на вакцините. За сиромашните земји не останува речиси ништо. Вакцините мора да се достапни за сите, рече генералниот секретар на Светската организација, кој денеска од говорницата на германскиот Бундестаг ги повика владите на богатите земји да помогнат во борбата со пандемијата.
Сега е важно да се осигура дека вакцините се третираат како јавно добро, мора да се достапни и овозможени за сите, насекаде. Но, исто така мораме да се бориме и со дезинформациите за вирусот. Низ целиот свет гледаме како популистите ја игнорираат науката и ги заведуваат луѓето, рече ГН на ОН, Антонио Гутереш.
Во меѓувреме, Русија најави т.н. лесна вакцина против ковид, односно внесување само на една од двете компоненти во оргнизмот. Од истражувачкиот центар за епидемиологија Гамалеја велат дека ќе штити само три или 4 месеци. Сепак, ќе ја исполни главната функција – а тоа е намалување на бројот на тешки случаи, без оглед на староста на пациентите.
Се очекува до почетокот на летото вакцините да се достапни за широка употреба. До тогаш главни алатки за борба со вирусот остануваат маските, социјалната дистанца и миењето раце. Треба да се издржат овие неколку месеци, порачува СЗО, која за престојните празници апелира да се остане дома.
Алиса Шутиноска