Срамна пресуда на штета на новинарите и на слободата на изразување во Македонија, за што ќе бидат известени сите релевантни меѓународни организации. Вака Здружението на новинари на Македонија реагираше на образложението на Граѓанскиот суд – Скопје со кое е одбиена како неоснована тужбата на дел од новинарите кои беа во Собранието на крвавиот четврток извршувајќи ја својата работа, а кои ја тужеа државата за претрпена душевна болка и повреда на нивните права и слободи.
За ЗНМ ваквата пресуда е пропуштена можност да се заштита правата на новинарите и преставува уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичари и новинари.
„Потсетуваме дека во случајот со групата политичари Основното јавно обвинителство по службена должност покрена постапки и кривичниот суд осуди со затворски казни група на граѓани а во случајот на новинарите самите беа оставени да покренуваат приватни тужби“, се наведува со реакциијата на ЗНМ.
Судот пак без смрт, телесни повреди или уништување на имот на одредено лице смета дека државата не одговара и не надоместува штета. Ова е дел од одговорот на одбиеното тужбено барање кое судот денеса писмено им го врачи на дел од новинарите кои ја тужеа државата. Судот проценил дека новинарите кои тој ден биле во Собранието и извршуваа работни задачи не ги исполнуваат условите за да бидат обесштетени од државата за она што го доживеале тој ден. Дополнително, според Судот, државата не ги ограничила новинарите, во конкретниот случај новинарка, во правото на слободата на извршување на работните задачи и слободата на изразување
„Како што е објаснето, при акти на тероризам или демонстрации државата има должност да го штити човековиот интегритет, па во конкретниот случај била должна само да го обезбеди живото и здравјето на тужителката, а не и да го штити нејзиното новинарско право, особено во ситуација кога она за што била акредитирана, да известува – било прекинато со чин од друго лице, а всушност истата сакала да известува за нередот кој се одвивал“, се наведува во образложението од скопскиот граѓански суд.
Судот во образложението на долуката наведува и дека не му биле доставени доволно докази за да може да утврди дали на 27 април упадот во Собранието бил терористички акт, јавна демонстрација или манифестација.
ЗНМ пак ваквите наоди на Судот ги оцени како скандалозни и тенденциони и оти се преседан во контекст на овој случај и ја потсети судската власт дека власт има обврска да ги штити правата на новинарите бидејќи со тоа го штити и правото на граѓаните да бидат информирани.
Тамара Грнчароска