Вести Македонија Најважни

Поради блокадата на Бугарија, нема расправа за преговарачките рамки на министерскиот состанок во ЕУ

Денеска се одржува министерскиот состанок за европски прашања на кој требаше да се даде зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, и најверојатно за Албанија со дополнителни услови, но поради ветото на Бугарија целата дискусија е отстранета од дневен ред.

Германското претседателство и останатите земји членки на ЕУ не успеаја да ја надминат блокадата на Бугарија која поради билатерални прашања со Скопје одбива да даде согласност за одржување на првата меѓувладина конференција оваа година, прашање кое беше апсолвирано со усвојувањето на Преспанскиот договор, договорот за пријателство и новата методологија за пристапните преговори.

Северна Македонија чека почеток на преговорите со ЕУ од 2005 кога го доби официјално кандидатскиот статус.

-Германското претседателство е фрустрирано што не беше возможно да се постигне прогрес за преговарачката рамка со Северна Македонија, направивме сѐ што можевме вклучително и олеснување на компромис помеѓу Бугарија и Северна Македонија, не сме задоволни што Бугарија ги блокира пристапните преговори поради билатерални прашања со Северна Македонија, поради ова земјите членки сметаат дека не може да се напредува ниту со Албанија, изјави висок дипломатски извор на ЕУ пред одржувањето на министерскиот состанок.

Според дипломатите „нема светло на крајот од тунелот“ во однос на деблокирањето на преговорите со Северна Македонија, бидејќи Бугарија не попушта за билатералниот спор, со што се создаде целосна блокада во Советот во однос на проширувањето.

Дипломатите во ЕУ не очекуваат напредок до крајот на германското претседателство, а лидерите на ЕУ в четврток и петок во Брисел „нема да имаат време да се занимаваат со проширувањето“ бидејќи агендата е „веќе преполна“.

Барањата на Софија не само да се вметнат билатералните прашања во преговарачката рамка со Северна Македонија, туку тие да добијат иста тежина како и фундаменталните теми поврзани за владеењето на правото, се неприфатливи ниту за Скопје ниту за останатите земји членки на ЕУ кои стравуваат дека со тоа ќе се создаде преседан, опасен за целокупниот процес на проширување.

ЕУ на денешниот министерски состанок ќе се фокусира на Брегзит и на буџетот, две клучни теми за ЕУ за кои исто така сѐ уште нема компромис. 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски ги разгледува деталите од разговорот со Трамп со неговите европски партнери

Дејан Дејан

Давитковски: Уставен суд легитимно ја поништи одлуката на Собранието

Дејан Дејан

Косово со забрана за увоз на пилешко месо од Бразил – причината е појава на птичји грип

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе