Откако владата се амнестираше дека не го избрала новиот директор на МЕПСО иако била предупредена од Антикорупциската комисија за потенцијален судир на интерес, ДКСК сега директно ќе се обрати до управниот и надзорниот одбор на МЕПСО за да се произнесат по нивното мислење за директорот Куштрим Рамадани. На утринскиот колегиум во ДКСК е одлучено да се реагира во МЕПСО, бидејќи од владата топката за конфликтот на интереси е префрлена во блиското седиште на енергетската компанија. А во владата оценуваат дека професионализмот на Рамадани бил пресуден за предлогот Куштрим Рамадани да премине од Регулаторната комисија за енергетика директно во директорското столче во МЕПСО иако антикорупциската комисија има мислење дека со тој трансфер на директорот Рамадани се кршат два закони и има конфликт на интереси. Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека владата ги почитува мислењата на ДКСК, но слушнал дека во владата е проценето дека нема судир на интереси во случајот Куштрим Рамадани.
За колизијата на мислењата меѓу владата и антикорупционерите, за битната за ЕУ интеграции област, евро-амбасадорот Дејвид Гир на прашањето на Телма само посочи дека е интерна работа на две институции и конкретна ситуација. Антикорупционерите оценија дека со изборот на Куштрим Рамадани се кршат и законот за енергетика и законот за спречување на судир на интереси бидејќи по членство во Регулаторната комисија за енергетика, законски е тој член да одмори две години од слични функции во енергетскиот сектор за да бизнис тајните од регулаторното тело не ги користи на новото работно место.
Претседателот и членовите на РКЕ во рок од две години по престанувањето на вршењето на јавните овластувања и должности, не можат да бидат именувани како членови на орган на управување на вршителите на регулирани енергетски дејности како и на вршителите на енергетски дејности на кои што им е наметната обврска за обезбедување на универзална, односно јавна услуга со оглед на надзорната функција која ја има РКЕ врз овие тела, соопштија од антикорупциска.
А Рамадани кој имал долга енергетска биографија, ги исполнува и овие ограничувачки услови откриени од ДКСК по директно барање на премиерот Заев. Владата се брани дека не го бирала, МЕПСО тврди дека нема судир на интереси, но антикорупционерите сега директно ќе го пратат своето мислење во компанијата и ќе бараат компанијата сама да одлучи дали ќе го задржи конфликтот на интереси во свој двор.
Миомир Серафиновиќ