Есенскиот бран на коронавирусот си ја покажува својата сила. Во штипскиот регион сите заразени се со симптоми без разлика дали болеста ја поминуваат полесно или завршуваат во болница. Aсиптоматски случаи веќе нема. Според бројките на Центарот за јавно здравје доминираат работници во фабрики, но има и административци во сите државни и локални институции, а овде се и студентите.
Работоспособното население било на удар на вирусот во ноември, од 20 до 59 години регистрирани се 450 случаи, а над 60 години бројката е 114. Битката со вирусот во изминатите 24 часа ја изгубиле двајца пациенти од Штип на возраст од 60 и 69 години. Секојднево се менува и бројката на хоспитализирани во регионалниот Ковид центар,над половината се борат за здив, од 53 со вакви боци за кислород покрај болничките кревети се 33 пациенти.
Поради изборите во Штип болницата не може да прави итни набавки, па битката со вирусот е отежната. Во моментов компаниите помагаат со донации. Колку е безбедна кампањата на терен на петмината кандидатите за градоначалници и дали ги почитувале мерките ќе покажат бројките на новозаразени во текот на неделава или по 13 декември. Формирани се пет лекарски тимови за своето право на глас го искористат и болните, но и оние кои се изолирани поради контакт со нив.
Викторија Јованова