Пристапниот процес кон ЕУ треба да зависи од реформите, а билатералните прашања да се решаваат на билатерален начин, изјави за Гласот на Америка заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер.
Според него, Северна Македонија направила доволно реформи за одржување на првата меѓувладина конференција, додавајќи дека билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес.
„Северна Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, рече Палмер.
Американскиот дипломат тврди и дека за да се одржи нивото на кредибилност на ЕУ во државата, Брисел треба да покаже дека прогресот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес.
„Во овој момент, следен чекор за Северна Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Северна Македонија јасно го заслужила преку реформи“, вели Палмер.