Измамници склучуваат договори за купување автомобили, но потоа бегаат од продавачите за да не им ги дадат остатокот од парите.
МВР алармира дека ваква измамничка шема се случува на територијата на државата и дека овој вид на измами се зачестени.
-При вршење на измамите, од страна на измамници се склучуваат нотарски договори без да бидат дадени пари на продавачот на возилото, притоа искористувајќи повеќе невистинити искази за одолговлекување на плаќањето. Потоа, измамниците одбегнуваат секаков контакт со оштетените, стекнувајќи се со противправна имотна корист, соопштија од МВР и ги повикуваат граѓаните да бидат претпазливи и внимателни и да не склучуваат договори без да им бидат исплатени сите пари.
Од МВР потврдуваат дека се водат истраги за расчистување на веќе пријавени измами со недоплатена купопродажба на автомобили.
Главно станува збор за купопродажба кога за да се избегне плаќање на данок за целосна сума, договорите се прават на помала сума, состојба која измамничките синџири вешто ја користат за да заработат нелегално.
Често овој вид на договори се заверуваат на нотар во сабота или преку викенд, а автомобилот веднаш се препродава на друг купувач преку друг дополнителен нотарски договор.