Опозицијата ги блокира измените на Собранискиот Деловник! ВМРО ДПМНЕ, Левица и Алијанса-Алтернатива поднесоа над три илјади амандмани. Се очекуваше Комисијата за деловничко-имунитетни прашања да го разгледа и поддржи предлогот на Талат Џафери за онлајн вклучување на пратениците заразени од ковид. Но пред тоа, ќе мора да се почека службите да ги подготват и преведат сите амандмани поднесени до почетокот на комисијата.
Опозициските партии ги здружија напорите за попречување на измените во Деловникот. ВМРО ДПМНЕ поднесе илјада 350 амандмани, двајцата пратеници од Левица уште повеќе – илјада и 400, а Алијанса-Алтернатива уште 400. Вкупно, над три илјади амандмани чија цел е да оневозможат парламентарното мнозинство самостојно да го измени Деловникот и да дозволи онлајн учество на пратениците болни од ковид. Според опозицијата, со овој предлог власта ја нарушува и онака слабата меѓусебна доверба.
Од власта инсистираат Собранието да остане функционално. Потсетуваат дека изминатиов месец шестмина пратеници беа болни во ист период, а никој не може да знае колку пратеници може да се разболат во иднина. Илјадниците амандмани од опозицијата ги сметаат за опструкција.
Минатата недела, во отсуство на опозицијата, парламентарното мнознство со 61 глас ја утврди потребата од менување на Деловникот по скратена постапка. Предлагачот, спикерот Талат Џафери, објасни дека онлајн ќе може да се вклучат само пратениците со решение за изолација. Предлогот треба да добие поддршка од мнозинството пратеници, но пред тоа треба да заврши амандманската расправа во матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Соња Николовска