Ветото на Бугарија за стартот на преговорите на Македонија со ЕУ е повеќе од извесно по денешниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, тврдат високи дипломатски извори за МИА. Потврда на тоа е што од заклучоците на денешниот состанок на амбасадорите е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија а Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторно го потврдила ставот – нема зелено светло за Македонија.
Обидите за приближување на ставовите меѓу Скопје и Софија продолжуваат преку т.н. „патоказ“ кој е последна шанса за надминување на несогласувањата со Бугарија и се држи во тајност.
Нема никаква информација што содржи и каков тип на документ ќе биде, официјален или придружен. Не е познато дали во „патоказот“ се вклучени барањата на Бугарија околу идентитетот и јазикот.
Од Владата без детали за клучните прашања но со објаснување дека „патоказот“ не смее да велзе во преговарачката рамка, нешто на што силно досега се спротивставуваме а за што добивме поддршка и од Германија и САД.
„Идејата на било која форма, која е предмет на разговор меѓу двете страни, е враќање на довербата во Договорот за пријателство, особено во насока на зајакнување на довербата за неговата ефикасност и функционалност. Во оваа насока е и размената на мислење за усогласување на заеднички акциски план, или патоказ, прифатлив за двете страни, чија улога би било прецизно да може да се следи имплементацијата на обврските од самиот Договор“-велат од владата.
Денеска се огласија од Институтот за национална историја со став дека цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се бара целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација. Историјата и нејзината интерпретација не смеат да подложат на потребите на политиката или да бидат условени од политичките влијанија, сметаат историчарите.
„Институтот не може да не реагира во услови кога политиките директно задираат во науката и особено кога со политички меморандуми цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација. Евроинтеграциите на македонската нација не смее да се условуваат со ултимативно прифаќање на „историски вистини“ од други национални историографии“ – тврди институтот за национална историја.
Останува уште многу малку време до 8 декември кога ќе се одржи состанокот на министрите за европски работи а на кој и официјално треба да се потврди дали македонија ќе бодие датум за старт на преговорите со ЕУ или пак бугарското вето.
Огнен Чанчаревиќ