Се чекаат првите пациенти во поранешната болница „Мала Богородица“ кој е во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар. Од Аџибадем Систина велат дека се уште не е потпишан договорот помеѓу приватните болници и Центарот за управување со кризи.
Постигнат беше само устен договор од министерот за здравство, а „Аџибадем Систина“ веднаш почна да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок, велат од таму.
Во овој момент капацитетите може да се стават во функција, но за да се реализира оваа благородна иницијатива на Министерството за здравство, остануваат неколку отворени прашања:
- Се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар
- Според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОМ).
- Се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите.
- Го очекуваме договорениот предлог на Министерството кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар.
- Финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди договорот за соработка
По исполнување на овие договорени заемни обврски и по проценката на Министерството за здравство дека им се потребни дополнителни капацитети, „Аџибадем Систина“ е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот.