Бугарската потпретседателка Илијана Јотова се сомнева дека ќе има компромис меѓу Македонија и Бугарија, за Македонија да може да ги почне преговорите за членство со Европската унија. Јотова, која е член на опозициската социјалистичка партија ја обвини владата на премиерот Бојко Борисов дека ја сокрива вистината околу македонско-бугарските преговори.
Сметам дека бугарската влада, последниве денови, не ја кажува целата вистина. Сметам дека ќе има некаков проект за кој ние не знаеме, кој веројатно ќе биде предложен на состанокот на министрите за надворешни работи на 17 ноември. Лично, како Бугарка и како бугарски политичар не сум задоволна од последната средба во Софија. За мене, Берлинскиот процес е многу сериозен. А, на средбата во Софија, на заедничкото претседателство со РС Македонија не се донесени никакви сериозни решенија, рече Јотова за БТВ.
Недела пред одржувањето на министерскиот совет закажан за вторник, на кој министрите за надворешни работи на Европската унија треба да ја одобрат преговарачката рамка за Македонија, Јотова вели дека Бугарија и натаму треба да остане на своите позиции утврдени уште лани со рамковна декларација и со декларација на Народното собрание.
Едно е прашањето е дека тука веќе потрошивме извесно време, прво за цвеќиња и прегратки пред спомениците кои ги гледавме изминатите три години, а друго е цврстата позиција на Бугарија и начинот на кој биле водени дипломатските преговори изминатиов период, изјави Јотова.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува позитивно решение меѓу Македонија и Бугарија. Таа денеска тефонски разговараше со премиерот Зоран Заев и кажа дека Македонија е позитивен пример за Западен Балкан за остварените реформи, за постигнатите договори со Грција и Бугарија, и за лидерството во регионалната соработка.
Владејачките партии во Бугарија негираат дека има надворешен притисок врз Бугарија да ги омекне своите позиции и да ја одобри преговарачката рамка за Македонија, како што тврди потпретседателката Јотова.
А, Еуроњуз пишува дека Бугарија се обидува да извлече отстапки од Европската унија. Иако повеќето од барањата се нематеријални прашања како идентитетот и историјата, тие ја одрзауваат потребата на бугарската Влада за заземе силна националистичка позиција поради внатрешно политички причини, пишува Еуроњуз.
Марија Дивитарова