Кандидатот на Демократската партија за претседател на Соединетите американски држави, Џо Бајден, е се поблиску до освојувањето на Белата Куќа откако го презеде водството во броењето на гласовите во сојузната држава Пенсилванија.
Доколку Бајден го задржи и зацврсти водството кое во моментов изнесува 13 илјади и 662 гласа и биде прогласен за победник во оваа држава, од американскиот среден запад, тој автоматски победува на претседателските избори.
Предноста на Бајден, очекувано му ја носат гласовите преку пошта, во големите урбани центри во Пенсилванија, Филаделфија и Питсбург. Демократите им сугерираа на своите симпатизери на гласаат на овој начин за да го избегнат ризикот од пандемијата Ковид – 19.
Иако Трамп на прес конференција изнесе серија обвинувања дека се случува фалсификат без преседан, кој го нарушува легитимитетот на изборите, изборните органи му порачуваат дека мора да се преброи секој пристигнат глас.
“Гласовите ќе продолжат да бидат пребројувани се додека секој валиден глас преку пошта, гласање во отсуство и привремен глас не биде изброен. Затоа додека некои луѓе, вклучувајќи го и претседателот, продолжуваат да шират неосновани тврдење на измама, тврдења за кои неговиот тим не обезбеди ниту трошка докази, тоа што го гледаме во Филаделфија е демократија, кратко и јасно” – изјави Џим Кени, градоначалникот на Филаделфија.
Ситуацијата на Трамп дополнително се компликуваше а неговиот пат кон Белата Куќа доби огромна блокада и со последните резултати од гласовите во сојузната држава Џорџија, позната како бастион на републиканската партија.
Гласовите преку пошта во градот Атланта, каде мнозинско население се афроамериканците, во огромен број се за Бајден и тој го презеде водството.
“Џорџија отсекогаш беше во мапата на републиканците и затоа ова е огромно изненадување и јас немам објаснување за тоа, што секако претставува пријатно изненадување за некои луѓе” – оцени професорот од универзитетот Нортвестерн, Томас Милер.
Бајден води и во државите Невада и Аризона, но на крајот тие може да бидат само шлагот на тортата за поранешниот потпретседател, кои ќе му донесат поубедлива победа во бројот освоени делегати во изборниот колеџ.
Најверните следбеници на Трамп се собираат пред центрите каде се бројат гласовите, протестирајќи заради наводните нерегуларности и крадењето на победата на кандидатот на републиканската партија.
“Сега тие крадат, измислуваат гласачки ливчиња. Ова е измама” – вели еден поддржувач на Трамп.
“Очигледно крадат, за Демократите гласаат мртви луѓе. Ова го прават секој пат. Но сега ние нема да се помириме со тоа” – додава друг лојален поддржувач на Трамп.
Од изборниот штаб на Трамп порачуваат дека ќе се борат за интегритетот на изборниот процес, со сите расположива правни средства.
Трамп постојано повторуваше дека броењето на гласовите преку пошта ,кои пристигнуваат по изборниот ден е незаконско.
Сепак, гласовите кои доаѓаат на овој начин може да се бројат во половината од 50-те американски држави, доколку биле испратени до 3-ти Ноември, односно денот на изборите. Меѓу овие држави се и Пенсилванија, Невада и Северна Каролина, каде исто така се уште не е прогласен победник.
Она што е сигурно е дека овие американски претседателски избори ги одбележа рекордно висок одзив на граѓаните. Анализите навестуваат највисок одзив во последните 120 години на американската демократија – 67% од луѓето со право на глас.
Никола Илиевски