Невролозите се едногласни. Не сакаат нивната клиника да се претвори во ковид центар. Сметаат дека условите не можат да се приспособат на потребите на пациентите заболени од корона вирус. Уште повеќе стравуваат за нивните пациенти кои се со тешки невролошки болести.
Доколку пациентите со невролошки болести (мозочен удар, епилепсија, епилептичен статус, мијастенија гравис, мултипла склероза, акутен полирадикулоневрит, трансферзален миелит, деменција, екстрапирамидни заболувања, болни синдроми) не се хоспитализираат, дијагностицираат и лекуваат на нашата клиника, многукратно се зголемува ризикот од морбидитет и морталитет од овие болести.
Колегиумот се одржал во петокот откако Министерот Венко Филипче најави дека заболените од ковид ќе бидат хоспитализирани во зградата на неврологија. Во разговор за Телма Филипче вели дека утре ќе се сретне со неговите колеги невролози. За сега таму се уште нема хоспитализирани корона позитивни. Но лекарите од таму на Филипче му напишале дека нема ниту услови.
Да напоменеме дека на клиниката има систем за централна климатизација која влијае врз побрзо ширење на Сарс КоВ2 вирусот низ воздухот и не постои просторија чисто/нечисто која е неопходна при работа со инфективни високо-ризични пациенти. Довод до централен кислород е достапен само во мал дел од собите. Се надеваме дека ќе го уважите нашиот став во интерес на здравјето на нашите пациенти.
Ова е втора слична реакција на вработени во болнички капацитет во последнава недела, откако пред неколку денови колегиумот во детската болница Козле испрати допис со кој бара разрешување на директорот. Меѓу другото тврдеа дека не обезбедил услови за да се разделат позитивните од останатите пациенти. Во меѓуврем речиси сите инфективни одделенија во земјава се пополнети, па решението министерството го бара во приспособување на други одделенија.
Билјана Николовска