Калкулациите меѓу здравствената и економската криза може на среден рок да ни се удрат од глава и да се доведеме во ситуација да мора целосно да се затвориме, алармираат економските експерти. Велат време е владата да признае дека здравствената криза ескалира и дека треба посериозни мерки.
Имајќи предвид какви се бројките каква е целата ситуација, од друга страна имајќи ја предвид нашата економија македонска каква е отворена увозно зависна итн. мора да кажеме дека мерките кои што се преземаат во моментов можеби ќе требаат да бидат значајно засилени. Односно ако сега не се преземат некои позасилени мерки пред се за контролирање на оваа здравствена криза која гледаме дека ескалира во бројки итн. можеби на среден рок ние ќе дојдеме во ситуација да мораме да имплементираме нокој „локдаун“. Кога викам за некои позасилени мерки мислиме за некои локални карантини, движења во определен радиус, построга контрола и спроведување на веќе постоечките мерки итн. – изјави Борче Треновски универзитетски професор.
Според Треновски, првиот карантин на почетокот на пандемијата значително се одрази на економијата и на приходите во државната каса. Но ние колку и да калкулираме, со оглед каква е состојбата во Европа и светот, каде веќе се ограничува движењето, не можеме многу што да заштитиме. Вели мора да имаме посериозен пристап.
Видете ја пораката која ја праќаат европските лидери. Видете ја германската канцеларка е загрижена и ако имаат добра контрола на пандемијата изјавува дека не знае дали добро се справуваат и се сомневаат со сопствениот пристап за справување со пандемијата. Ова укажува дека ситуацијата е сериозна и дека сериозен пристап треба да имаме. Ние имаме некоја обратна реторика дека добро се справуваме и нашите капацитети се сеуште доволни. Време е да се каже дека сериозна е работата и треба многу посериозен пристап. – вели Треновски.
Бизнисмените пак свесни се дека состојбата е многу сериозна. Но порачуваат полицискиот час да биде последна опција. Тие се на линија со властите – да се почека 7 до 10 дена за да се види дали новите мерки ќе ги спуштат бројките на нови позитивни на корона-вирусот.
Ние сметаме дека бизнисите поминуваа во многу тешка состојба периодот кога го имавме првиот карантин, односно полициски час и тоа треба да биде како последна опција заради тешкотиите што ги има бизнис заедницата во овој период. Дури ако се оди во тој чекор кој би бил најпомалку посакуван од страна на бизнис заедницата, но сепак потребен за државата, тогаш рестрикциите да важат за одделни делови на државата со цел помалце да се оштети економијата – изјави Исени.
Најголемиот удар домашната економија го почувствува токму на почетокот на пандемијата,во вториот квартал од година кога имавме целосно затворање на одредени дејности, ограничено движење во ноќните часови, но и карантин за продолжени викенди и празници. Бруто – домашниот производ падна за историски 12,7 проценти, јавниот долг ја надмина границата од над 60 проценти од БДП, а паѓаа и приходите во државната каса. А колкав ќе биде ударот врз економијата од есенскиот бран со пандемијата, за сега никој не знае.
Александра Филиповска