Регулаторната комисија за енергетика е контрадикторна сама на себе, и нема волја да ги реши отворените прашања на пазарот на нафтени деривати.
Со нивното последно соопштение пак покажуваат нестручност и недоволно познавање на пазарот – реагира најголемата нафтена компнија во земјава „Макпертол“ по соопштението на Регулаторна дека со последната Одлука за густини и маржи на нафтените деривати ги штитела интересите на потрошувачите.
Нафтените компании во земјава вчера излегоа со барање пазарот на нафени деривати да се либерализира, односно слободно да се формираат цените на пазарот, а не како сега,нив да ги определува Регулаторна.
„Нивното нeосновано мислење дека либерализираните пазари ќе имаат 20% повисоки малопродажни цени се коси со образложението на предметната одлука, каде се констатира токму спротивното и споредбата ја прават токму со тие држави кои имаат либерализирани пазари за нафта и нафтени деривати. По ова прашање единствено е неспорно дека во нашата држава еден период трговците сами ги определуваа цените и не се предизвика никаков финансиски шок.“ – стои во соопштението од Макептрол
Компанијата како крајна невистина ги отфрла информациите дека не доставила соодветна документација кон барањето. А денеска во одговорот за Телма и Регулаторна ретерира. Велат Макпетрол ги доставиле документите. Но на консултативен состанок со сите компаниии усно пак побарале анализи.
„ РКЕ ги разгледа сите барања и согласно своите законски надлежности закажа консултативен состанок со сите баратели во август 2020 година. На состанокот беа дискутирани барањата и од страна на РКЕ на компаниите им беше усно побарано да се достават анализи кои ќе ги поткрепат нивните барања. До моментот на носење на одлуката, анализи не беа доставени. Во моментот кога и доколку стигнат анализи, повторно од страна на РКЕ ќе биде разгледано ова прашање и ќе се донесе соодветна одлука. – велат од РКЕ.
За Макпетрол пак крајно неаргументирано е и тврдењето на Регулаторна дека постои монополска позиција на пазарот. Потенцираат дека РКЕ има издадено над 70 лиценци за трговија со нафта, а на пазарот постојат повеќе од 400 бензиски станици.
Доколку РКЕ има индиции за монополска позиција, треба да знае и има должност истата да ја пријави во Комисијата за заштита на конкуренцијата. – велат од компанијата.
Реагираат и дека Регулаторна нив ги става во понеповолна позиција во однос на производителите, транспортерите и трговците со електрична енергија.
„Дали РКЕ се водеше од интересот на потрошувачите кога ја определуваше цената на струјата и дали РКЕ се води од интересите на граѓаните, ако имаме во предвид дека цената на природниот гас последната година значително се намали, а притоа цената на топлинската енергија остана непроменета? “- прашува компанијата.
По овие несериозни и нестручни одлуки и ставови на РКЕ останува нејасно кон каков пазар се насочува комисијата? – прашува компанијата. А од РКЕ денеска во одговорите за Телма се прогласија за ненадлежни околу либерализацијата на пазарот.
Во земјите од регионот, но и во земјите членки на Европската Унија, пазарот на нафтени деривати е либерализиран, а едно од ветувањата на СДСМ во изборната кампања беше токму либерализацијата и на овој пазар.
Александра Филиповска