Ќе стане ли „бугарскиот фашистички окупатор„ – бугарска администрација? Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, не ја отфрли идејата на бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, сите плакети и споменици на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“ во Македонија да се сменат во „германскиот нацистички окупатор на Кралството Југославија и привремената бугарска администрација составена главно од Македонци“. Напротив, ги охрабри историчарите, доколку најдат основа за ублажување на тонот и историските квалификации, тоа и да го направат.
Бугарскиот европратеник на Фејсбук иронично предложи и во Западна Македонија да се направат неколку споменици на „италијанскиот фашистички окупатор“, а темата што е можно побрзо да се дискутира и со германските власти, со цел да се покријат трошоците за замена на стотиците споменици и плакети низ цела Македонија. Но, Ковачев не е единствениот бугарски политичар кој има дополнителни барања во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија и закажување на првата Меѓувладина конференција за старт на преговорите со ЕУ. На барање од бугарската страна, се подготвува и дополнителен анекс на Договорот за добрососедство, со кој ќе се дообјаснува дека сегашната држава нема територијални претензии на историскиот регион Македонија.
Османи е убеден дека, сепак, и покрај пречките, Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ. Својот оптимизам го темели на фактот дека, сите страни во случајов се свесни за влогот, тежината и последиците од неуспехот на овој процес.
Далиборка Демјанска Цветановска