Чешката влада објави забрана за слободното движење на своите граѓани и затворање на голем број продавници, шопинг молови и хотели.
Според премиерот на државата, Андреј Бабиш, целта на рестрикциите е да се намали притисокот врз здравствениот систем на државата, откако бројот на новозаразени веќе неколку недели постојано се зголемува, како и бројот на починати лица.
Во последните 24 часа, инфицирани се над 9 000 луѓе, додека од Ковид-19 починале 100 чешки граѓани.
“Нашата влада постигна согласност за дополнителни рестриктивни мерки и тоа заради драматичниот пораст на пандемијата. Зголемувањето е огромно и за жал, мерките кои ги презедовме минатата недела не даваат резултат и не ја израмнуваат кривата а имаме и огромно зголемување на хоспитализираните пациенти” – изјави чешкиот премиер, Андреј Бабиш.
На граѓаните им е дозволено да одат на работа, да вршат бизнис, да купуваат храна и други неопходни производи. Дозвола за работа имаат и аптеките, продавниците за храна и бензинските станици.
Од почетокот на пандемијата во Чешка се регистрирани над 200 илјади случаи корона вирус, но како илустрација за загрижувачкиот пик на пандемијата, една третина од нив се забележани во последните 8 дена.
“Има огромен подем на болеста Ковид-19 ширум Европа. Гледаме дека нивоата се зголемуваат во Белгија, Велика Британија, Франција и другите земји. Тоа што се случува во Чешката република е во согласност со Европскиот контекст. Од друга страна, податоците кои ги имаме во последно време се алармантни и не водат до овие рестрикции кои ги воведуваме , затоа што се неизбежни во моментов” – оцени чешкиот министер за здраство, Роман Примула.
Пандемијата е во нов подем и во првото големо европско жариште – Италија.
Во последните 24 часа регистрирани се над 15 000 нови случаи, што е највисока бројка заразени во новиот бран кој се шири во оваа држава а се помалку места има и во одделенијата за интензивна нега во болниците.
Она што докторите го забележуваат е дека просечната возраст на пациентите на кои им е неопходна хоспитализација се намалува.
“Видот на пациенти е многу сличен на оние кои ги имавме во првиот бран, но просечната возраст е пониска. Можеме да кажеме дека вирусот се шири особено меѓу членовите на семејствата и се помладите луѓе. Просечната возраст е околу 60 години, помеѓу 50 и 60” –посочи докторот Антонино Маркезе.
Најтешко зафатени региони во Италија повторно се Ломбардија и Пиемонте на север и Лацио и Кампања во централниот и јужниот дел од државата.
Во неколку региони воведени се и поостри нови рестрикции, како ноќни полициски часови во Милано и Неапол.
Никола Илиевски